Уапсен Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на Катја чиј живот згасна по пад од зграда во скопско Тафталиџе. Се подготвуваат кривични пријави против него. Нема да му бидат први во полициското досие. И кобниот ден претходела расправија. Интервенирала полицијата, но жената негирала семејно насилство. Рекла дека е недоразбирање и дека брачните односи ќе ги решава преку развод по институционален пат.
Ден по трагедијата во Тафталиџе, кога при пад од висококатница загинаа Ивана и нејзината малолетната ќерка Катја, сопругот и татко е уапсен и кривично ќе одговара. Од МВР соопштија дека веќе бил евидентиран во полициските билтени. Имал 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и за недозволена трговија со дрога. Изминатите две години, бил пријавуван и за семејно насилство, но во сите случаи неговата сопруга Ивана се повлекувала од натамошна постапка.
„Во декември 2025 година по лишување од слобода за кривично дело по член 215 од КЗ за трговија со дрога, бидејќи кај истиот биле пронајдени 20 опаковки со дрога, истиот бил лишен од слобода“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
И кобниот понеделник, не бил поразличен од деновите кога станувало збор за семејното насилство. Два часа пред да згасне животот на мајката и на ќерката, претходела расправија меѓу сопружниците. По пријава, интервенирала полицијата, но Ивана негирала семејно насилство. Рекла дека е недоразбирање, и повторно решила да не поведе постапка и брачните односи да ги решава преку развод по институционален пат.
„Не барам никаква полициска постапка и понатамошно полициско постапување. Појаснувам дека настанот не сакам да го пријавам како семејно насилство, работите ќе ги средам по мирен пат и ќе се разведам“, цитираше министерот Тошковски.
Според првичните информации на Обвинителството, на трагичниот ден Ивана и нејзината ќерка биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Во тек се распити. Се анализираат мобилните телефони и се обезбедуваат видеоснимки за да се утврдат сите околности. Извршена е обдукција на починатите.
„Се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. По наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации“, велат од Обвинителството.
По трагедијата, Министерството за труд и социјална политика врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи. Според првичните информации – починатата и сопругот првпат се евидентирани лани во октомври, додека пак, на 2-ри февруари до нив е примен допис од МВР за физички напад врз сопругата.
Според податоците на МВР за семејно насилство во 2026-та година има 28 кривични пријави, а досега 12 се спроведени и одредени се 5 притвори.








