домаМакедонијаЗагубари, ама се расфрлаат со милионски тендери: Комуналните претпријатија плаќаат приватници за...

Загубари, ама се расфрлаат со милионски тендери: Комуналните претпријатија плаќаат приватници за фонтани што треба сами да ги одржуваат

- Advertisement -spot_img

Одржување фонтани, сервисирање пумпи, поправка на водоводна инфраструктура, одржување паркови и друга комунална опрема – сето тоа често се доверува на надворешни изведувачи, иако јавните претпријатија имаат сопствени служби и вработени за слични задачи. Прашање е дали овие ангажмани се резултат на реална потреба од специјализирани услуги или покажуваат недоволен капацитет на јавните претпријатија да ги извршуваат сопствените обврски. Ако располагаат со кадар и механизација, зошто се издвојуваат дополнителни средства за услуги што се блиски до нивната основна дејност? Во исто време, дел од комуналните претпријатија работат со загуби, акумулираат долгови и бараат дополнителна финансиска поддршка.

Пишувал: Орце КОСТОВ

„За 250 евра може да страда цел град“, коментира микробиологот Никола Пановски на социјалните мрежи, со што во една кратка реченица ја долови суштината на скандалот со вода во Гостивар, која, според досегашните сознанија од истрагата, била загадена од поставување нелегални пумпи, кои влечеле вода од канализацијата.

Последиците се илјадници заболени, прогласена епидемија, кризна состојба и истрага за евентуална кривична одговорност за случајот во кој се загрози здравјето на повеќе од 80.000 жители.

Но, гостиварскиот случај отвора и едно пошироко прашање: како се управува со јавните комунални претпријатија во Македонија? Додека повеќето од нив со години прикажуваат загуби, се жалат на недостиг од пари и секоја година на седниците на општинските совети бараат повисоки цени на услугите, истовремено издвојуваат значителни суми за ангажирање приватни фирми за работи што би требало да бидат дел од нивното секојдневно работење.

– Advertisements –

Одржување фонтани, сервисирање пумпи, поправка на водоводна инфраструктура, одржување паркови и друга комунална опрема – сето тоа често се доверува на надворешни изведувачи, иако јавните претпријатија имаат сопствени служби и вработени токму за такви задачи.

Тоа ги чини граѓаните многу и затоа се поставуваат уште две прашања: дали ваквата пракса е оправдана и дали ова може да доведе до коруптивни зделки со оглед на тоа дека овие договори се склучуваат со неколку исти фирми?

ОДРЖУВАЊЕ ФОНТАНИ

Најилустративен пример е одржувањето на јавните фонтани во Скопје и во другите поголеми градови. Комуналните или водоводните претпријатија во поголемите градови располагаат со вработени од различни профили: електричари, машински техничари, водоинсталатери и други стручни служби, но, сепак, редовното сервисирање и одржување често им го доверуваат на приватни компании преку јавни набавки вредни стотици илјади евра.

Во 2018 година, Град Скопје одлучи одржувањето на дел од градските фонтани да го довери на ЈП „Водовод и канализација“, со образложение дека токму ова претпријатие има најсоодветен стручен капацитет за работа со водни системи. Неколку години подоцна, истото претпријатие распишува јавни набавки за ангажирање приватни компании за одржување на фонтаните.

Последниот тендер за одржување фонтани од април годинава, кој го распиша ЈП „Водовод и канализација“, го доби компанијата „Хидротек“ ДООЕЛ Скопје. Тендерот е со рамка до 35,4 милиони денари со ДДВ, односно над 500.000 евра. Договорот е склучен на 12 месеци, а износот веднаш го отвора прашањето колку навистина чини одржувањето на скопските фонтани и по која основа сумата расте од година во година.

Според финансиската понуда, „Хидротек“ ќе одржува фонтани на четири локации во Скопје: фонтаната „Воин на коњ“, четирите фонтани кај „Карпошово востание“, трите фонтани кај „Пресвета Богородица“ и фонтаната на „Мост Око.“

Во спецификацијата се наведени десетици ставки за секој од овие објекти, меѓу нив чистење корита и решетки, проверка на пумпи, светилки и командни конзоли, хемиски третман на водата, сервисирање дефекти, зимски прекривки, резервни делови и друга потрошна опрема.

Одржувањето фонтани во 2024 година го чинело ЈП „Водовод и канализација“ 16,52 милиони денари или нешто над 250.000 евра. Во 2025 година, сумата пораснала на 28,32 милиони денари или нешто над 450.000 евра, а сега новиот договор со „Хидротек“ е повисок за 50.000 евра во однос нс 2025 и повеќе од двојно повисок во однос на 2024 година.

КОЈ ГИ ДОБИВА ТЕНДЕРИТЕ?

Ова не е првпат „Хидротек“ да добива вакви јавни ангажмани. Според претходно објавените податоци на Бирото за јавни набавки, фирмата во јуни годинава е ангажирана и од Град Скопје за работа на бунари за техничка вода, а договорот е вреден 650.406 евра.

Поради својата специфична дејност, фирмата добивала договори за одржување фонтани и чешми за пиење, одржување на автоматските системи за полевање на јавните зелени површини, за одржување препумпни станици, хидрантска мрежа, за реконструкција на фонтани, за набавка на урбана опрема, за набавка на средства за хортикултурно одржување, водоводни инсталации…

Добивала тендери од општините Карпош, Гази Баба, Куманово, Кисела Вода, Крива Паланка, како и од ЈКП Гази Баба-2007 и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката (АДИССДП). Од 2017 година досега, според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа фирма добила тендери во вредност од околу 6,8 милиони евра.

Фирмата, според податоците од мрежата на „Compani Wall“, е основана во 2017 година и има тројца постојано вработени. Актуелен директор на компанијата е Мартин Блажовски.

Во 2025 година остварила вкупни приходи од 30.098.000 денари, а имала расходи од 13.640.000 денари. Годината ја завршила со добивка од 14,7 милиони денари.

Во 2024 година имала поголем приход од 38,7 милиони денари, но и поголеми расходи од вкупно 21,9 милини денари, но добивката била малку повисока – 15,05 милиони денари. Во 2023 година, пак, остварила најмногу приходи, 59,9 милиони денари, но и најмногу расходи, 45,5 милиони денари, па годината ја завршила со добивка од 12,9 милиони денари.

„Ваталко“ ДООЕЛ е втората компанија, чија дејност е трговија на големо со машини и опрема, по „Хидротек“, која е најангажирана од општините или комуналните претпријатија.

Оваа компанија остварила приходи од над 1,6 милиони евра, конкурирајќи на тендери, кои ги распишале ЈП Водовод и канализација, ЈКП Дервен Велес, ЈП Водовод Куманово, ЈП Водовод Охрид, ЕСМ производство на топлина, КП Комуналец Кичево, ЈПКД Комуналец Струмица, КЈП Водовод од Кочани, АД акционерско друштво за производство на електрична енергија ЕЛЕМ, ЈП водовод Битола и ЈП Исар Штип. Комуналните претпријатија најмногу ја ангажирале „Ваталко“ ДООЕЛ за набавка и одржување пумпи за питка вода, пумпи за отпадна вода, сервисирање пумпи и резервни делови, како и за одржување електромотори.

„Ваталко“ ДООЕЛ работи од 2007 година и има тројца вработени, според податоците од „Company Wall“. Влатко Стојанов е единствен сопственик на компанијата, која во 2025 година остварила профит од 9,9 милиони денари, а вкупните приходи надминале 31 милион денари.

СЕ ВРТАТ ИСТИ ФИРМИ ВО НЕКОЛКУ ОПШТИНИ

Останува отворено прашањето зошто ЈП „Водовод и канализација“ повторно ангажира приватна фирма за одржување чешми, фонтани, пумпни станици, хидрантски мрежи и зелени површини, работни задачи, кои по својата природа им припаѓаат на сите слични претпријатија.

Но, освен ЈП Водовод и канализација, тоа го прават и другите комунални претпријатија, како и државните институции, како што е Службата за општи и заеднички работи на Владата.

СОЗР, оваа година ја избрал понудата на компанијата „Флуид проект“ ДОО од Скопје, која за 559.150 денари ќе ги одржува фонтаните и базените во објектите што се под палката на СОЗР.

Лани оваа фирма ги одржувала фонтаните на СОЗР за сума од 30.000 евра. Во 2025 година, „Флуид Проект“ ДОО бил ангажиран од Службата за општи и заеднички работи за реконструкција на фонтаните во резиденцијални објекти за што инкасирал 86.000 евра.

„Флуид Проект“, само годинава остварил приходи од над 2,3 милиони евра, добивајќи тендери во државни институции, како СОЗР, ЕСМ, десетици општини, МЕПСО, универзитетски клиники, болници низ Скопје и низ државата, давајќи услуги, како сервисирање медицинска опрема, системи за третман на вода, одржување базени и молерофарбарски занаетчиски работи…

Се работи за компанија, која работи од 1992 година. Актуелни директори на компанијата се Никола Исајловски и Периклија Бешка. Фирмата, во 2025 година бележи добивка од 16,5 милиони денари, додека приходите достигнале 205,5 милиони денари. Компанијата остварила профит и во 2024 и во 2023 година, според податоците на „Company Wall.“

Општина Кисела Вода, во мај 2026 година ја избрала „Хидротек“ ДООЕЛ Скопје за да ѝ ги одржува фонтаните и постоечките зелени површини за сума од 97.500 евра. За истата услуга на истата фирма во 2025 година, Општина Кисела Вода ѝ платила 65.000 евра, велат податоците од Бирото за јавни набавки.

Истиот месец, Општина Карпош одлучи да ја избере најповолната понуда на „Хидротек“ за одржување фонтани и чешмички за пиење вода за сума од 62.000 евра. Истата компанија и лани ги одржувала и ги санирала фонтаните и чешмичките за пиење вода на територијата на Општина Карпош за 56.000 евра.

Во мај годинава, и Општина Аеродром донесе одлука да ја избере „Макотерм“ ДООЕЛ Скопје за одржување „фонтани, јавни чешмички за пиење вода и системи за полевање јавни зелени површини на територијата на ОА“ за сума од 211 илјади евра. Истата фирма, за истата работа лани била ангажирана од Општина Аеродром. Сумата била 162.000 евра.

Општина Свети Николе ќе прави реконструкција на фонтана во Градски парк, а тендерот од 34.000 евра го добил „Адмирал“ ДОО увоз-извоз Илиден. Оваа фирма во 2023 година ги одржувала владините базени за 11.000 евра.

„Хидротек“ годинава ќе ја одржува и реконструира фонтаната во Автокоманда за што ЈКП Гази Баба-2007 ќе му исплати 8.000 евра. Лани одржувањето на оваа фонтана било 9.700 евра.

„Хидротек“ ДООЕЛ за 112.000 евра годинава ќе ги одржува и фонтаните во Општина Куманово.

Во 2025 година, Јавното комунално претпријатие „Дервен“ од Велес набавило фонтанска моноблок пумпа од „Ваталко“ ДООЕЛ Скопје за 11.000 евра.

Фонтаните пред административната зграда на Општина Чаир и на плоштадот Скендербег во 2025 година ги одржувал „Флуид Проект“ ДОО за сума од 19.000, односно 20.0000 евра.

Комуналното претпријатие „Водовод Кочани“ за одржување на системот СКАДА за водоснабдување и електрика и автоматика на градската фонтана двапати по ред ја избира АИС Компјутери ДООЕЛ од Кочани. Понудата на АИС била 7.000 евра за 2026 година, односно 8.000 евра за 2025 година.

МИЛИОНСКИ ЗАГУБИ, ДОЛГОВИ И БЛОКИРАНИ СМЕТКИ

Половина од јавните претпријатија во државата ја завршиле 2024 година со загуба. Според податоците од завршните сметки за 2024, од вкупно 128 јавни претпријатија, чии основачи се општините, дури 71, односно 55 отсто ја завршиле годината со загуба. Вкупните загуби на овие 71 претпријатие изнесуваат 17,4 милиони евра, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Вкупните загуби само на првите 10 претпријатија со најголеми негативни финансиски резултати изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77 отсто од вкупните загуби на локалните јавни претпријатија. На првите три места со најголеми загуби во земјава се три скопски јавни претпријатија „Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена.“ Само скопски „Водовод“ има загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ од 2,6 милиони евра, а „Комунална хигиена“ 1,2 милиони евра.

На четврто и петто место се две битолски претпријатија, „Водовод“ со еден милион евра и „Комуналец“ со 960.000 евра. Потоа следи скопското „Паркови и зеленило“ со 944.000 евра, како и комуналните претпријатија „Водовод“ од Кочани со 902.000 евра, „Дервен“ од Велес со 600.000 евра, „Охридски комуналец“ со 597.000 евра и „Водовод и канализација“ Прилеп со 462.000 евра.

„Загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 отсто, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години, зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба, и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година, вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра, што е за 24 отсто повеќе од 2023 година“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Уште поголеми од загубите се долговите на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски. Според нивните завршни сметки, дури 126 од 128-те локални јавни претпријатија имаат долгови, кои вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра.

Најголеми долгови има истото претпријатие, кое има и најголема загуба, односно скопски „Водовод и канализација.“ Само ова претпријатие има краткорочни обврски од 53,3 милиони евра.

Следно е Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“, кое има долгови од речиси 17 милиони евра. Со долгови од по речиси 10 милиони евра се кумановски „Водовод“ и гостиварски „Комуналец.“ На петто место, со долгови од 8 милиони евра се наоѓа скопска „Комунална хигиена.“

Првите десет претпријатија со најголеми долгови, заедно должат 40 отсто од вкупните долгови на сите претпријатија, а долгот на првите 20 најзадолжени претпријатија изнесува 53 отсто од вкупните долгови.

Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирана банкарска сметка, односно 41 претпријатие.

Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада имаат три скопски локални претпријатија – „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски Исар.

НАЈЧЕВСКА: НЕ СЕ РАБОТИ ЗА НЕЗНАЕЊЕ, ТУКУ ЗА КРАДЕЊЕ

Сето ова ова отвора низа прашања од јавен интерес. Ако претпријатијата имаат кадар и механизација, зошто плаќаат дополнително за услуги што би требало сами да ги обезбедуваат? Ако немаат доволно капацитет, зошто со години не инвестираат во нивно зајакнување? И, конечно, дали ваквата пракса е економски оправдана или станува збор за модел преку кој јавните пари редовно се прелеваат кон приватниот сектор, додека загубите на јавните претпријатија продолжуваат да растат?

–Според мене, станува збор за едноставна манифестација на начинот на кој ја разбираат власта нашите политички партии. За нив власта не е управување со државата на најдобар можен начин за граѓаните, туку можност неказниво да се краде сè што е заедничко добро, вели професорката Мирјана Најчевска за „Фокус“.

Професорката смета дека не се работи за незнаење во менаџирањето во овие претпријатија, кои најчесто служат за вдомување партиска војска.

–Не се работи за незнаење во менаџирањето, туку за отворено крадење од граѓаните. Сè додека не постои ригиден систем на казнување на секој и најмал облик на искористување на функцијата за лично богатење, цехот ќе го плаќаат граѓаните, вели професорката и додава дека веќе не станува збор за корупција, туку за озаконет криминал.

–Во моментот кога од демократија се премина во бизнискратија (кога дојде до спојување на власта и бизнисот) веќе не станува збор за корупција, туку за озаконет криминал. Кога крадењето е според закон и неказнивоста станува правило, многу тешко е да се покрене барање за одговорност, вели Најчевска.

Екоцидот во Гостивар е доказ дека се вработуваат неспособни кадри во комуналните претпријатија, кои можат и да го загрозат здравјето на граѓаните. Лоцирана е одговорност кај директорката и двајца раководители, од кои еден е архитект. Но, Најчевска смета дека тоа е недоволно и невозможно во истовреме.

–Со оглед на тоа дека станува збор за партиски кадри на секоја од раководните позиции, одговорноста треба да ја преземат челниците на политичките партии. Тоа е невозможно во услови на целосен распад на правосудниот систем. Поради тоа, потребни се многу посуштински промени и промоција на систем на ригидно почитување правила, процедури и критериуми и казнивост на секое ниво и за најмало прекршување за да излеземе од затворениот круг на озаконето крадење и уништување на животот на граѓаните, истакна професорката.

Со оглед на тоа дека на последниот протест во Гостивар имаше дваесетина граѓани, ја прашавме Најчевска дотолку ли не е важно здравјето за луѓето или, пак, власта ја уби критичката мисла и сега нема воопшто кој да крене глас против ова што ни се случува.

–После Шарената револуција, која заврши со козметички, наместо со коренити промени, на граѓаните ќе им треба долго време да се решат повторно да излезат на улица. Она што ме плаши е дека кога некој толку многу молчи и трпи како нашите граѓани, следната револуција воопшто нема да биде шарена, додаде проф. д-р Мирјана Најчевска за „Фокус.“

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img