Полициска интервенција во изнајмен стан во Атина прерасна во истрага за монструозно и тешко кривично дело, откако полициските службеници за време на претресот пронајдоа замрзнато тело на деветмесечно бебе скриено во куфер, пренесува „Катимерини“.
Станот, изнајмен преку платформата „Аирбнб“, околу еден месец го користела двојка, 43-годишен државјанин на Грција и 38-годишна Германка. Полицијата пристигнала на адресата по низа пријави од соседите, кои предупредувале на постојани проблеми, невообичаени случувања и сомнително однесување на луѓето што престојувале таму.

Влегувајќи во станот, полицајците затекнале вистински хаос. Покрај 43-годишникот и 38-годишниката, во просториите се наоѓале уште неколку лица: две момчиња на возраст од девет и 12 години, бремена 15-годишна девојка и 26-годишен државјанин на Авганистан, кој веќе ѝ бил познат на полицијата од претходно. Истражителите допрва треба да ги утврдат сите меѓусебни семејни врски преку ДНК анализи, а за 15-годишната девојка се претпоставува дека е ќерка на 38-годишната Германка.
Најпотресното и најморничаво откритие следувало за време на деталниот претрес. Во еден од куферите, полицајците го пронашле замрзнатото тело на 9-месечна беба. Според грчките медиуми, на грбот на детето биле забележани дури десет убодни рани, а првичните информации укажуваат дека бебето било мртво подолго време пред полициската интервенција.
По откривањето на телото, полицијата веднаш ги лиши од слобода 43-годишниот маж, неговата 38-годишна сопруга и уште едно полнолетно лице затекнато во станот. За време на испрашувањето, 43-годишниот Грк изнел низа бизарни тврдења со кои се обидел да ги објасни околностите под кои починало детето. Неговиот исказ во моментот е под детална проверка на грчките истражни органи, кои работат на целосно расчистување на овој незапамтен ужас.






