домаМакедонијаЗа 18 години судење државата ќе треба да ги обештети обвинетите во...

За 18 години судење државата ќе треба да ги обештети обвинетите во ,,Изгрев” кои добија правосилна ослободителна пресуда

- Advertisement -spot_img

По 18 години години низ судските лавиринти, обвинетите во случајот ,,Изгрев” конечно дочека и правосилна ослободителна пресуда. Пред еден месец, како што веќе објави ,,Фокус”, на јавната седница во Апелација, Вишото јавно обвинителство побара да се одбие жалбата поднесена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое се жалеше на ослободителната првостепена пресуда. Денеска и од Апелациониот суд информираат дека е потврдена првостепената ослободителна пресуда.

-Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје ја достави второстепената пресуда со КОКЖ 38/26 со која СЕ ПОТВРДУВА пресудата на Основниот кривичен суд Скопје за предметот со КОК 127/24, познат како „Хотел Изгрев“ со која обвинетите беа ослободени од вина, а се преиначи во делот од пресудата кој веќе е застарен на начин што е донесена одбивателна пресуда.

Второстепениот суд, постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, изјавена против пресудата на Кривичниот суд Скопје против обвинетите Д.М. и Ѓ.М. од Струга и Д.С. од Скопје за кривичните дела Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст.1, донел пресуда со која жалбата на Јавниот обвинител се одбива како неоснована односно ослободителната пресуда на Кривичниот суд против обвинетиот Д.С. се потврдува, а ослободителната пресуда против Д.М. и Ѓ.М се преиначува на начин што обвинението против овие двајца обвинети се одбива согласно чл. 367 т.6 од ЗКП , односно гонењето не може да продолжи заради застареност, информираат од Апелација.

Оттаму појаснуваат дека станува збор за судска постапка која за првпат е започната во 2009 година и до 2025 година се донесени повеќе, различни првостепени пресуди кои по жалба на странките и одлука на Второстепениот суд е враќана на повторно постапување.

-Постапката е водена според процесниот Закон за периодот кога е започната постапката и според кој нема ограничување колкупати првостепената пресуда ќе биде укинувана од страна на повисокиот суд и враќање на почетокот. Со сегашната одлука на Апелациониот суд Скопје предметот станува правосилен, велат од Апелација.

На овој предмет му требаше цело полнолетство, за да се утврди дека обвинетите неправедно биле обвинети, а потоа и осудувани. Низ годините се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши зад решетки. Тој тврдеше дека во случај „Изгрев“ биле перени пари, а на крајот „заглави“ во притвор за истото кривично дело, откако во семејната куќа му беа пронајдени соѕидани 350.000 евра.

Настрана оваа симболика, на обвинетите конечно им се „раздени“, а на државата набргу ќе ѝ се стемни, бидејќи ќе треба да им исплати милионска отштета за сите трауми што ги преживеале низ годините, а ќе треба да ги подмири и адвокатските и судските трошоци.

Случајот „Изгрев“ почна кон крајот на 2008 година, а во судница влезе во 2009 година, кога браќата Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“ во Струга. За помагање беа обвинети неколкумина адвокати, судии и нотари.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img