Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски се напи чаша вода наполнета од скопскиот водовод пред медиумите на вонредна прес конференција, сакајќи на тој начин лично и јавно сите шпекулации што се појавија во изминатите 24 часа дека водата во Скопје не е исправна за пиење.
Поточно дека во неа е пронајдена бактерија ешерихија холи и дека има потенцијална опасност за масовно заразување.
Ѓорѓиевски посочи дека пораките што се ширеле масовно на социјалните мрежи со дезинформации за наводна контаминираност на водата, се и прстот го впери кон СДСМ и „нејзина сателит-партија што ѝ помага“ без да прецизира на кого мисли, но со претпостави дека алудира на Левица.
Од одредени центри се шири паника. Тоа почна уште пред некој ден, со приказни на терен дека постоела опасност поради депонија на 30 километри од изворот Рашче да се загрози изворот. Денес се чисти депонијата, но никој не спомна дека таа депонија е на 30 километри од Рашче — рече градоначалникот.
Пораките се ширеле во групи со родители на деца од претшколска возраст, градинки, основни училишта со содржина дека наводно „некоја госпоѓа дознала од пријателката дека се направени анализи и водата била заразена со бактерии“.
— Не постои ништо такво и ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. Јас не сум монструм што ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. Се оди на варијанта да се шират лаги и дезинформации зашто годинава за разлика од други години, немаме проблем во Скопје со притисокот — рече скопскиот градоначалник.
Според него ваквите пораки се „ширење хистерија рамно на терористички напад“.
— Од утринава се сублимираат сите профили на опозициските партии и во текот на денот ќе бидат доставени до МВР каде барам да се постапи соодветно против истите Ова е организиран напад, ширење паника и страв. Разбирам политика и во политиката понекогаш се дозволени некои недозволиви работи, но ќе има постапување, веќе разговарав со министерот за внатрешни работи — додаде градоначалникот.
Тој уште информираше и дека на дневна основа ЈП „Водовод и Канализација“ Скопје прави 36 анализи на примероци на вода од различни локации кои секој ден се менуваат.
Речиси паралелно со вонредната прес конференција на Ѓорѓиевски, скопското Обвинителство соопшти дека оформило предмет по допрен глас за да ги провери информациите за енормно загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче.
Оттаму велат дека надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици.
„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“ велат од ОЈО Скопје.
Реакцијата на обвинителството доаѓа по вчерашното предупредување од опозициската СДСМ дека на повидок е нова еколошка катастрофа во во близина на изворот Рашче.
Социјалдемократите предупредија дека во близина на изворот Рашче се создава дива депонија и побараа итна реакција од надлежните институции, тврдејќи дека состојбата може да претставува ризик за изворот од кој со вода се снабдува Скопје.
Генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција што ја одржа на самото место рече дека отпадот се наоѓа во заштитеното подрачје во близина на Рашче и побара од Владата и локалните власти да соопштат кој дозволил да се создаде депонијата и дали е направена проценка на можните ризици.
Кој дозволил ваква дива депонија да се создава во близина на изворот? Ова е директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните“, изјави Димитријевиќ.
Од опозициската партија бараат институциите да утврдат што точно се депонира на локацијата, колку долго отпадот се остава таму и дали постои опасност загадувањето да стигне до подземните води. Партијата бара и јавно уверување дека водата која во моментов се дистрибуира во Скопје е безбедна за пиење.
„Фокус“ стапи во контакт со експерти кои дадоа објаснување за целата фама поврзана со водата за пиење и дивата депонија кај Рашче во претходното деноноќие.
„Се ова околу водата е повеќе, така да речам, политичко надмудрување меѓу партиите. Водата што минува низ цевките на скопскиот водовод е добра за пиење и постојано се контролира“, вели за „Фокус“ хидроинженерот Борис Начков, кој повеќе од 20 години бил технички директор во скопскиот „Водовод и канализација“.
Начков предупредува на нешто што е многу поитно за решавање.
„Мора што поитно да се стартува со реализација на изнаоѓање на трајно решение за депонијата Југохром. Таа содржи шествалентен хром кој е многу, многу опасен доколку ја премине природната брана под планината Жеден, и да допре жеденската акумулација од каде водата оди до изворите на Рашче. Има студија за тоа и таа треба час поскоро да се реализира додека не биде предоцна“,тврди Начков.
Со него се согласува и Ива Петровска која е координатор за жешки точки во невладината „Екосвест“.
Во разговор за „Фокус“ предупредува дека актуелната дива депонија што е актуелна во јавноста е детска играчка во споредба со депонијата на Југохром.
„Индустриската депонија е многу поопасна и таа најитно бара да се санира. Затоа што може да ни се случи катастрофа од невидени размери. Сега има природна глина како заштитен слој меѓу депонијата со хром и водите од изворот. Ако само навлезе случајно тој шествалентен хром во водата во Рашче тогаш таа вода нема да биде употреблива за ништо. И, во опасност се доведува снабдувањето на близу една третина од населението во Македонија“, тврди за „Фокус“ Петровска.
Таа посочува дека пломбирањето или саркофаг решението е најдобро за оваа еколошока “црна дупка“. Тоа би чинело не повеќе од еден отсто од македонскиот буџет, но последиците ако не се направи ќе бидат далеку поктастрофални.
Петровска упатува на Студијата што ја изработил Градежниот институт пред две години и вели дека своите обврски за ова прашање треба заеднички и координирано да ги преземат и министерствата за животна средина и за здравство, градот Скопје како и ЈП „Водовод и Канализација“.






