Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод, за пиење и за подготвување храна, останува во сила сè додека со лабораториски анализи не се потврди нејзината безбедност, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов на прес-конференција во Владата.
– Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и за отстранување на причините кои довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Ја уверуваме јавноста дека нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан – рече Миланов.
Тој информира дека и денеска инспекциските служби спроведуваат контроли над операторите со храна во Гостиварско.
Целта на вонредните засилени мерки, нагласи, е прецизно да се утврди изворот на контаминација, степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски резултати врз основа на кои ќе бидат преземени сите понатамошни мерки.
– АХВ со најголемо внимание ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење во општина Гостивар. Од првиот момент кога беа добиени сознанија за можен ризик по јавното здравје врз основа на добиеното известување од јавен обвинител од ОЈО Гостивар и пријава од МВР Гостивар за можна нарушена безбедност на водата за пиење во гостиварскиот вопдоснабдителен систем, инспекциските служби на АХВ спроведоа вонредна контрола во овој водоснабдителен систем во селото Вруток. Согласно законските надлежности и воспоставените протоколи, контролата беше спроведена на 16 јули во доцните вечерени часови во соработка со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим техника – МВР Гостивар. Со надзорот беше утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение се поставени пумпи која директно вбризгувале вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем – рече директорот Миланов.
Според него, стручни лица на Институтот за јавно здравје земале 4 мостри од водата од резервоарот, каптажата, од површинска вода и од јавна чешма во џамија, за лабораториско тестирање, со цел да се утврди нејзината безбедност.
– За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ веднаш издаде забрана за употреба на водата за пиење. Во текот на вчерашниот ден, активностите беа значително проширени, при што инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство земаа дополнителни мостри и тоа од целиот водоснабдителен систем, вклучително и од јавни установи, градинки, угостителски објекти и други кои ја користат водата за пиење и за подготовка на храна. Во рамки на законските овластувања, Агенцијата ќе ги преземе сите неопходни мерки против сите субјекти кај кои ќе се утврдат пропусти или непочитување на законските обврски – рече тој.
Миланов апелираше до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и локалните власти во однос на користењето на водата за пиење, сè до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата.
Додаде дека АХВ зема официјални мостри од вода, а тестирањето на примероците врши Институтот за јавно здравје, кој треба официјално да ги достави резулатите до АХВ.






