На денешната 98. пленарна седница во Собранието во фокус се наоѓаат неколку законски измени, меѓу кои и предлогот за укинување на т.н. техничка влада, како и измените на Законот за пратеници со кои се предлага тие да поседуваат само едно државјанство.
Пред пратениците образложение даде заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јаќимоски, кој потсети дека моделот на преодна, односно техничка влада бил воведен како привремено решение во период на засилена политичка и институционална криза. Неговата основна цел, како што нагласи, била да се обезбеди поширок политички консензус околу организацијата и спроведувањето на изборите.
Јаќимоски појасни дека овој модел произлегол од политичките договори постигнати во 2015 година, а првпат бил применет при подготовката на предвремените парламентарни избори во 2016 година, по што продолжил да се користи и во следните изборни циклуси.
Според образложението на Владата, новото законско решение е насочено кон постепено напуштање на овој модел, при што се предвидува одложена примена со цел да се зачува правната сигурност и институционалната стабилност. Целта, како што беше истакнато, е заокружување на реформските процеси и зајакнување на функционалноста на институциите во рамки на уставниот систем.
Во образложението се нагласува и дека ваквите измени треба да придонесат за организирање избори преку редовните институции, со што би се зацврстила нивната улога и би се обезбедил полн демократски легитимитет на извршната власт. Дополнително, се потенцира потребата од поефикасно, транспарентно и рационално управување со јавните финансии, во интерес на граѓаните.
Покрај оваа точка, на дневен ред се и повеќе други законски измени што се носат по скратена постапка. Пратениците ќе расправаат за измени во законите за минерални суровини, концесии и јавно-приватно партнерство, јавни претпријатија, како и за внатрешната пловидба.








