Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес-конференција посветена на промоцијата на новиот меѓународен музички фестивал „Чаршија“, се осврна и на дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, посочувајќи дека се разгледуваат две можни решенија.
Одговарајќи на новинарско прашање, Меџити рече дека најизвесната опција е поставување семафор, додека втората е целосно уривање на надземниот пешачки мост, кој со години не е во функција и е значително оштетен.
„Разгледуваме две опции. Најверојатно ќе се постави семафор, а втората можност е да се сруши мостот, доколку тој претставува пречка, бидејќи не е функционален и граѓаните не го користат“, изјави Меџити.
Тој потсети дека уште во предизборната кампања за локалните избори се залагал мостот да биде демонтиран, наместо да се реконструира и повторно да се стави во употреба.
Меџити додаде дека пешачкиот премин претходно бил затворен, но повторно бил отворен по барање на трговците од Бит-пазар, бидејќи неговото затворање негативно влијаело врз работењето на дуќаните и врз секојдневното движење на жителите на Чаир.
„Рушењето на мостот исто така може да биде решение за уредување на овој премин. Постоеше реална потреба тој повторно да биде отворен, бидејќи по барање на Бит-пазар, каде што многу семејства ја обезбедуваат својата егзистенција, преминот беше повторно воспоставен, во интерес на бизнисот“, рече Меџити.






