Црн ден за моторџиите низ државата. Во текот на 21 септември се случија четири сообраќајни несреќи во кои беа вклучени мотоцикли, при што повеќе лица се здобија со тешки телесни повреди.
Во Охрид, на улицата „7 Ноември“, 18-годишен возач на мопед „априлија“ од селото Лескоец е тешко повреден при судир со патничко возило „рено“.
На 21.09.2025 во 21:20 часот во СВР Охрид е пријавено дека на улицата „7 Ноември“ во Охрид, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Б.Џ.(69) од Охрид и мопед „априлија“ со охридски регистарски ознаки, управуван од Н.З.(18) од охридското село Лескоец. Н.З. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото на несреќата изврши екипа на СВР Охрид.
Во Свети Николе, на крстосницата од улиците „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“, 33-годишен мотоциклист од Скопје е тешко повреден во судир со возило „пежо“.
На 21.09.2025 во 14:40 часот во Полициската станица Свети Николе е пријавено дека на крстосницата од ул.„Кочо Рацин“ и ул.„Крсте Мисирков“ во Свети Николе се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.К.(33) од Скопје и патничко возило „пежо“ со светиниколски регистарски ознаки, управувано од 50-годишната Е.Ѓ. од Свети Николе. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Свети Николе.
Во Куманово, на булевар „Трета македонска ударна бригада“, мотоцикл „бмв“ со швајцарски ознаки удрил во 74-годишен пешак кој се здобил со тешки повреди. Повредени се и возачот на моторот и неговата сопатничка.
-На 21.09.2025 во 20:35 часот во СВР Куманово е пријавено дека на бул.„Трета македонска ударна бригада“ во Куманово мотоцикл „бмв“ со швајцарски национални ознаки, управуван од З.Б.(48) од Куманово, удрил во пешакот М.Д.(74) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница Куманово. Со телесни повреди се здобиле З.Б. и неговата 36-годишна сопатничка Л.Д. од Украина. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.
Во Битола, на крстосницата од улиците „Филип Втори Македонски“ и „Наум Наумовски Борче“, мотоцикл удрил во патничко возило „сеат“. Тешки повреди добила 50-годишна жена сопатничка на моторот, а полесно е повреден и возачот.
На 21.09.2025 во 14:58 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Филип Втори Македонски“ и ул.„Наум Наумовски Борче“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Г.Г.(44) од Битола и мотоцикл управуван од С.А.(22) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 50-годишната С.А. од Битола, која се превезувала на мотоциклот, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола. – Скопје1.мк






