Македонската економија бележи значително забрзување, а растот на БДП во вториот квартал од 2026 година достигнал 4,3 проценти, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата го споредуваат овој резултат со растот од 1,6 проценти во првиот квартал од 2024 година и оценуваат дека најновите показатели се потврда за успешноста на економските политики на Владата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, растот не е концентриран во еден сектор. Инвестициите во вториот квартал се зголемиле за 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти, додека градежништвото бележи раст од 21,9 проценти.
Позитивни движења, како што наведуваат, има и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и информациско-комуникацискиот сектор.
Од партијата посочуваат и дека инфлацијата изнесува 2,3 проценти, оценувајќи дека забрзувањето на економската активност не е проследено со дополнителен инфлаторен притисок.
„Економскиот раст не е цел сам за себе. Тој е средство за подобар живот на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата најавува продолжување на поддршката за инвестициите и приватниот сектор, реализација на капиталните проекти и создавање услови за нови работни места.
„За само две години, економијата премина од раст од 1,6 проценти на 4,3 проценти. Тоа е мерливо, широко распространето и реално економско забрзување“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.






