Вчера Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ усвои повеќе важни одлуки поврзани со подготовките за редовниот Конгрес што ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци. Усвоена е одлука за избор на над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски е овластен да ја утврди конечната листа согласно статутот. Дополнително, е формиран организациски одбор за подготовка на Конгресот.
Комитетот донесе одлука за разрешување на Илија Стоилев од функцијата претседател на Општинскиот комитет во Свети Николе поради случај на злоупотреба на средства. Разрешен е и Гоце Стоиловски од Општинскиот комитет во Македонска Каменица.
На седницата се разговараше и за резултатите од последните локални избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива победа. Од партијата наведуваат дека овој успех носи дополнителна одговорност за исполнување на ветувањата кон граѓаните.








