Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство од ВЛЕН, Албрим Хоџа, денеска изврши увид во почетокот на работите за чистење на каналите за наводнување во повеќе локалитети во регионот на Гостивар и Врапчиште, со старт од селото Дебреш.

Активностите имаат за цел подобрување на водоснабдувањето за земјоделските потреби и опфаќаат чистење на каналската мрежа во следните населени места:
Дебреш – 1.040 метри
Форино – вкупно 1.765 метри
Чегране – 630 метри
Бањица – вкупно 1.590 метри
Мало Турчане – 530 метри

Работите ги изведува Водостопанство (ЈП/ША „Водостопанство“), како дел од заложбите на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за унапредување на инфраструктурата за наводнување и директна поддршка на земјоделците.
Заменик-министерот Хоџа истакна дека чистењето на каналите е од суштинско значење за земјоделците во Гостивар и Врапчиште, бидејќи обезбедува подобар проток на водата, ги намалува затнувањата и директно влијае врз зголемување на ефикасноста на наводнувањето и земјоделското производство.
Тој додаде дека интервенцијата одговара на долгогодишни барања на земјоделците и локалната заедница и претставува конкретен резултат на терен, кој, како што рече, ја потврдува посветеноста на ВЛЕН кон реални мерки и опипливи резултати.








