Скопје – Потпишувањето на колективните договори со албанските универзитети потврди дека проблемите со кои тие се соочувале со години не биле резултат на законски или институционални пречки, туку на политичкиот пристап на ДУИ, реагираат од ВЛЕН.
Од коалицијата наведуваат дека албанските универзитети со години биле намерно оставени на маргините, принудувани да протестираат и третирани како секундарно прашање секогаш кога принципот на еднаквост не се совпаѓал со политичките интереси на ДУИ.
„Факт е дека во периодот кога Талат Џафери имаше институционална одговорност, оваа неправда не само што не беше исправена, туку беше оправдувана и нормализирана“, велат од ВЛЕН, оценувајќи дека станува збор за реалност која, според нив, не може да се избрише.
Како клучен пресврт, од коалицијата го посочуваат потпишувањето на колективниот договор на денот на годишнината на Универзитетот во Тетово, како и договорот со Универзитет „Мајка Тереза“, што, според ВЛЕН, означува крај на долгогодишна политика на исклучување.
„Ова е крај на една политика изградена врз одолговлекување, селективност и нееднаквост. ДУИ имаше години, имаше власт и институции, но немаше политичка волја“, се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека неуспешните политики не можат да се рехабилитираат со формални конгреси и декларативни најави, поради што, како што велат, и самите активисти на ДУИ денес со право го поставуваат прашањето – каде се вистинските реформи?







