Коалицијата ВЛЕН позитивно го оцени учеството на заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, на 11-тата Конференција на Обединетите нации против корупција (CoSP11), која се одржува во Доха, истакнувајќи дека тоа претставува достоинствено и суштинско претставување на државата на меѓународната сцена.
Од ВЛЕН посочуваат дека моделот на добро владеење и бескомпромисна борба против корупцијата, презентиран од Фетаи, е во согласност со принципите што ги застапува коалицијата. Според нив, вистинската борба против корупцијата не се темели на декларативни изјави, туку на одлучно лидерство, координација меѓу институциите и примена на ефикасни и применливи механизми.
„Само преку конкретни мерки, постојана отчетност и активно вклучување на граѓанскиот сектор може да се врати довербата на граѓаните во институциите“, наведуваат од коалицијата.
ВЛЕН дополнително истакнува дека доброто владеење не е само политичка порака, туку стандард кој мора да се применува секојдневно на локално ниво, но и вредност која државата треба достојно да ја претставува на меѓународните форуми.
Како клучни алатки во борбата против корупцијата, од коалицијата ги нагласуваат креирањето политики засновани на податоци, дигитализацијата на јавните процеси и зголемената транспарентност, кои, според нив, се основа за изградба на чисти, одговорни и функционални институции во служба на јавниот интерес.







