Коалицијата ВЛЕН остро реагираше на, како што велат, скандалозната изјава на пратеник на ДУИ, со која директно биле навредени стратешките меѓународни партнери на државата – САД и Европската Унија.
Од ВЛЕН посочуваат дека поминале 48 часа од изјавата, а од ДУИ сè уште нема ниту дистанцирање, ниту извинување, ниту појаснување. „Овој молк не е случаен. Молкот на ДУИ е политичка потврда на антизападниот менталитет“, велат од коалицијата. Во реакцијата се наведува дека секоја политичка структура која се претставува како проевропска и проамериканска, веднаш би се дистанцирала од навредлив говор насочен кон САД и ЕУ.
Од ВЛЕН дополнително потенцираат дека особено загрижува фактот што вакви изјави доаѓаат од пратеник кој е доктор по професија и важи за професионално изграден кадар. „Со право се поставува прашањето каков менталитет преовладува во остатокот од структурите на ДУИ и што мислат личности како Муса Џафери, Блерим Беџети и Садула Дураку“, наведуваат од ВЛЕН.
Коалицијата оценува дека ДУИ секојдневно го губи евроатлантскиот курс и, како што велат, поради политичката криза и губењето на довербата кај Албанците, се движи кон опасен антизападен дискурс.
На крајот, од ВЛЕН порачуваат дека Албанците остануваат најпроамерикански и најпроевропски народ во регионот и нема да дозволат, како што велат, ничии политички интереси и паника поради губење на власта да го нарушат тој стратешки и историски правец.








