Владата на денешната седница го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој ќе биде доставен до Собранието на понатамошна постапка. Со ова, како што беше истакнато, започнува нова, поостра фаза во борбата против нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и злоупотребите што со години ги засегаат граѓаните, особено младите и семејствата.
Владиниот портпарол Венера Азизи соопшти дека главниот фокус на законот е заштита на децата, младите и семејствата.
Таа нагласи дека за првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Се забранува рекламирање надвор од деловните објекти доколку има цел да поттикнува учество во коцкање, како и пораки што го прикажуваат коцкањето како начин за финансиски успех, подобар живот или решение на лични и социјални проблеми.
Дополнително, се забранува рекламирање преку јавни личности и содржини насочени кон малолетници.
„Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира ниту да се претставува како начин на живот пред младите“, изјави Азизи.
Како втора клучна мерка, таа ја истакна заштитата на образовниот процес и безбедноста на учениците. Со новиот закон се предвидува сите казина, автомат клубови и објекти за електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основни и средни училишта.
Во обложувалниците што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
„Ова е институционална одлука да ги заштитиме децата од секојдневна изложеност на коцкање и ризици од зависности“, рече Азизи.
Таа додаде дека паралелно институциите веќе преземаат мерки против нелегалното онлајн коцкање.
Според неа, досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои работеле без лиценца и без контрола, со што не обезбедувале никаква заштита за граѓаните.
И покрај обидите за повторно отворање нови нелегални интернет-страници, институциите најавуваат засилени контроли и построги законски мерки.
„Оваа Влада започна системска борба против индустрија која со години функционираше без контрола. Нашата цел е воспоставување одговорен, транспарентен и контролиран систем со јасни правила и поголема заштита на граѓаните. Ова е борба за иднината на младите и сигурноста на семејствата“, заклучи Азизи.








