Авиокомпанијата „Визер“ ја зголеми својата база на Меѓународниот аеродром Скопје со седми авион, со што скопскиот аеродром се позиционира меѓу најзначајните бази на компанијата во регионот.
Проширувањето на базата ќе овозможи зголемување на бројот на дестинации, како и поголема фреквенција на постојните летови. Со новиот авион веќе се воведени две нови авиолинии – до Палермо и Алгеро во Италија, чии први летови беа реализирани на 15 и 18 јули.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека ова е значаен чекор за развојот на македонскиот авиосообраќај и подобрувањето на поврзаноста на државата со европските дестинации.
„Ваквите успеси се резултат на заедничка работа и посветеност во создавањето подобри услови за развој на воздушниот сообраќај. Повеќе авиони значат повеќе линии, повеќе патници и нови можности за граѓаните и економијата“, истакна Николоски.
Од надлежните институции очекуваат проширувањето на базата на „Визер“ да придонесе за зголемен број туристи, подобра меѓународна поврзаност и дополнителен развој на авиосообраќајот во земјата.






