По пауза од една деценија, Градскиот дувачки оркестар во Прилеп повторно е активен и подготвен за настапи на градските манифестации. Оркестарот моментално брои околу 15 членови, а сите се млади и музички образовани.
Дел од нив биле и членови на претходниот состав на оркестарот кој престана со работа во 2015 година, што, според нив, претставува дополнителна мотивација традицијата повторно да заживее.
Младите музичари изразуваат гордост што Прилеп повторно ќе има градски дувачки оркестар кој ќе настапува на бројните културни и јавни настани во градот. Во моментов подготвуваат маршеви и композиции кои ги изведуваат светски познатите оркестри.
Своето прво официјално појавување оркестарот ќе го има на 22 февруари, кога ќе настапи на дефилето за време на Карневалот Прочка.








