Изградбата на браната Отиња влегува во завршна фаза – веќе се реализирани околу 70 проценти од проектот, објави вицепремиерот Александар Николоски, најавувајќи дека источниот дел од државата наскоро ќе добие прво современо туристичко вештачко езеро.
Станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во регионот, кој не само што ќе обезбеди стабилно водоснабдување, туку ќе отвори и нови перспективи за развој на туризмот, економијата и локалниот бизнис.
Според најавите, езерото кај Отиња ќе стане нова атракција за посетители од целата држава, со потенцијал да се развие во центар за рекреација, спорт и туризам – нешто што долго време му недостасува на источниот регион.
„Ова не е само брана, туку инвестиција во иднината на целиот регион“, порачуваат од Владата, потенцирајќи дека проектот ќе донесе долгорочни придобивки за граѓаните.
Паралелно со изградбата, се очекува да се развива и дополнителна инфраструктура околу езерото – пристапни патишта, туристички содржини и нови можности за инвестиции.
Со реализацијата на овој проект, источна Македонија добива нов развоен импулс, кој може да ја редефинира економската и туристичката мапа на регионот.








