Церемонијата за доделување на Златната топка за 2025 година ќе се одржи вечер во Париз, со почеток во 20 часот во театарот „Шателе“.
Името на добитникот е строго доверливо и засега го знае единствено главниот уредник на „Франс Фудбал“, Винсент Гарсија. Новото правило, воведено по минатогодишната церемонија, предвидува победникот да не биде информиран однапред, туку да го дознае заедно со јавноста.
На поширокиот список од 30 кандидати се издвојуваат двајца големи фаворити – Усман Дембеле, кој со ПСЖ минатата сезона ја освои тројната круна, и тинејџерската сензација на Барселона, Ламин Јамал. Според дел од прогнозите, францускиот репрезентативец има мала предност, но многумина сметаат дека блескавите настапи на Јамал во клубот и репрезентацијата би можеле да му ја донесат првата Златна топка.
Оваа година трофејот повторно се доделува врз основа на постигнувањата во текот на сезоната, а не по календарска година, како што беше практиката во минатото. Покрај главната награда, ќе бидат прогласени и најдобриот голман, најдобриот стрелец и најдобриот млад играч.
Златната топка се доделува од 1956 година. Лионел Меси останува рекордер со осум трофеи, а Кристијано Роналдо пет пати бил избран за најдобар фудбалер во светот.







