Пратеничката Иванка Василевска упати остри критики кон раководството на СДСМ и неговиот претседател Венко Филипче, оценувајќи дека партијата се наоѓа во состојба на длабока политичка агонија и дека актуелното лидерство свесно ја одржува во „полумртва состојба“, во исчекување на некаков нов политички бран.
„Во вакви услови, со наталожен криминал, нерешени прашања и целосно отсуство на визија, ниту еден сериозен социјалдемократ нема мотив да го ризикува својот углед, здравје и живот за партија која функционира како машина за мелење кадри, без јасна цел и резултат“, истакна Василевска.
Според неа, сегашното раководство нема намера вистински да ја реформира партијата, туку единствено се обидува да ја одржи во состојба на клиничка смрт, надевајќи се дека ќе се појави нов бран сличен на оној од Шарената револуција, кој повторно би им послужил како спас.
Василевска оцени дека Филипче е длабоко заглавен во застарени пропагандни модели и методи кои одамна ја изгубиле својата ефикасност. „Тие техники, користени пред повеќе од две децении, денес делуваат неубедливо, истрошено и неозбилно, без реална можност да мобилизираат граѓани или да донесат политичка доверба“, нагласи таа.
Во своето синоќешно гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, Василевска посочи дека СДСМ веќе еднаш целосно ги истроши тие пропагандни механизми за време на Шарената револуција, по што, како што рече, целата таа машинерија „прегоре“ и остана без содржина и сила.
Осврнувајќи се на состојбите во опозициската партија и нејзината политичка иднина, таа истакна дека новоизбраното раководство не нуди ништо ново, туку само се обидува да го пролонгира неизбежниот распад, чекајќи некаков надворешен импулс кој би ја одржал партијата во живот.
Василевска се осврна и на говорот на претседателката на државата во Собранието, оценувајќи дека станува збор за државнички настап со јасен повик за национален консензус околу евроинтеграциите, борбата против корупцијата и изградбата на функционално правосудство.
„Критиката беше директно упатена до актуелната Влада – и за европскиот процес, и за развојот на општеството, и за системската борба против корупцијата. Тоа се теми кои се клучни за достоинствен живот на македонските граѓани“, заклучи Василевска.







