Од утре до 14 септември ќе трае јавната анкета за нацрт детално-урбанистичкиот план за Градска четврт Ј 05 – „Барутана“, со кој се предвидуваат нова градби на Водно.
Од Општина Центар ги повикаа жителите активно да се вклучат да се вклучат во јавната анкета и да ги достават своите предлози, мислења и забелешки.
„Јавната анкета ќе трае од 13 август до 14 септември 2026 година. Анкетните листови може да се пополнат во ООУ ‘Кочо Рацин’, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, како и електронски преку: www.centar.gov.mk или www.e-urbanizam.mk. Јавната презентација ќе се одржи на 3 септември во 12:00 часот во просториите на Општина Центар. Сакаме граѓаните да бидат дел од целиот процес и заедно да одлучуваме како ќе се развива овој дел од Центар“, велат од Општината.
Од партијата ДОМ исто така денеска повикаа центарци да се вклучат во јавната анкета и да ги достават своите забелешки, но против урбанизацијата на Водно.
„Според објавените информации, планот предвидува изградба на околу дваесет нови објекти на стрмен предел со значителни површини за градба што подразбира дополнително сечење на шума, пробивање инфраструктура и зголемување на урбаниот притисок врз Водно. Планскиот опфат е со површина од 6,89 хектари. Водно е јавен простор, природно добро и недозволиво е да се претвора во простор за луксузни хациенди. Шумата, зеленилото, стабилноста на теренот и природната заштита на Скопје се прашања што ги засегаат сите граѓани, а не само сопствениците на парцелите опфатени со планот. Затоа ги повикуваме граѓаните наместо да негодуваат на социјалните мрежи, да го искористат своето право и официјално да поднесат забелешки во јавната анкета“, велат од ДОМ.
Од Левица пак, побараа референдум за „Барутана“, напоменувајќи дека иако граѓаните можат да дадат забелешки, конечната одлука не ја носат тие.
„Не може прво да се крене рака за планот, а потоа јавната анкета да се продава како доказ дека граѓаните се тие што одлучуваат. Суштинското прашање е: кој е јавниот интерес од изградба на 25 објекти на падините на Водно и отворање простор за десетици илјади квадратни метри нова градба?“, реагираа оттаму.
Претходно, медиумите објавија дека за Нацрт-планот на седницата на Советот на Општина Центар минатиот месец здружно гласале советниците на ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ. Советниците од „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ и по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ биле против. Со него се предвидува изградба на дваесетина нови објекти, кои ќе се градат на стрмен предел и имаат голема површина за градба.






