Шефот на Мерцедес, Тото Волф, смета дека вербалната пресметка меѓу Џорџ Расел и Макс Верстапен е позитивна за Формула 1, бидејќи дополнително го зголемува интересот за спортот. Тензиите меѓу двајцата возачи повторно ескалираа на тркачкиот викенд во Лас Вегас, кога имаа контакт на третиот слободен тренинг. Судиите му изрекоа официјална опомена на возачот на Ред бул, по што Расел упати остри критики кон Холанѓанецот.
На трката, Верстапен стигна до победата, додека Британецот заврши на деветтото место, по грешката при обидот да го престигне тимскиот колега, Кими Антонели.
Холанѓанецот дополнително ја загреа атмосферата, исмевајќи го Расел преку тимското радио, а потоа и јавно критикувајќи го. Тој порача дека е далеку под неговото ниво и дека го стигнала кармата по лошиот резултат.
Волф, сепак, смета дека ваквото ривалство е дел од привлечноста на Формула 1.
- Тие се познаваат многу долго време, уште од деновите кога возеа картинг. Мислам дека ова, веројатно, беше игра на мачка и глушец. Овие провокации од двете страни се само уште еден елемент што придонесува за забавата – изјави Волф.
Следната трка во шампионатот во Формула 1 е закажана за следниот викенд. Возачите ќе се натпреваруваат за Големата награда на Катар.






