Децата во Црна Гора мора да бидат вакцинирани во согласност со програмата за задолжителна имунизација за да можат да посетуваат државни и приватни градинки, одлучи денеска Уставниот суд.
Уставниот суд утврди дека таквиот услов не го прекршува Уставот на Црна Гора.
Црна Гора со години има една од најниските стапки на вакцинација против мали сипаници во Европа.
Одлуката е донесена со пет гласа „за“ и два „против“.
Исклучок останува за децата кои имаат трајна медицинска контраиндикација за одредена вакцина.
Судот заклучи дека заштитата на здравјето на децата и на населението претставува легитимна цел што ја оправдува државната обврска за вакцинација – мерка што го штити не само вакцинираното дете, туку и другите изложени на заразни болести, особено децата кои не можат да бидат вакцинирани од медицински причини.
При носењето на оваа одлука, Судот ги зеде предвид нискиот опфат со имунизација во Црна Гора, ризикот од појава на епидемии на заразни болести и фактот дека претходните мерки – вклучително и паричните казни за невакцинирање – се покажале како неефикасни. Судот призна дека ускратувањето на пристапот до градинка за невакцинираните деца ја ограничува нивната изложеност на средина што е клучна за нивниот развој, учење и социјализација, но заклучи дека заштитата на здравјето има предност.
Министерството за здравство ја поздрави одлуката, наведувајќи дека заштитата на децата и на јавното здравје мора да остане приоритет.
Најновите податоци на Министерството покажуваат дека, заклучно со 28 септември, стапката на опфат со првата доза од ММР вакцината (која штити од мали сипаници, заушки и рубеола) кај децата од предучилишна возраст родени помеѓу 2020 и 2024 година во Црна Гора се зголемила на 64,2 отсто.
Кај децата родени во 2024 година, опфатот се зголемил од само 13,2 отсто на 36,2 отсто. Според податоците на Министерството, од почетокот на годината до 28 септември биле аплицирани вкупно 11.324 дози од ММР-вакцината – вклучувајќи 6.156 први дози. Само во текот на август биле аплицирани речиси 4.800 дози, што укажува на забрзување на активностите за имунизација пред почетокот на учебната и предучилишната година.
Податоците од Институтот за јавно здравје, објавени од УНИЦЕФ во април, покажаа дека само 13 отсто од децата родени во Црна Гора во 2024 година ја примиле првата доза од ММР-вакцината во предвидениот рок, за разлика од 88 отсто од децата во истата возрасна група во 2013 година.
Во тоа време, УНИЦЕФ предупреди дека таквите стапки на опфат се меѓу најниските во светот и значително го зголемуваат ризикот од појава на епидемија на мали сипаници во Црна Гора, пренесе „Бета“.






