Истражителите во средата трагаа по докази по големата кражба на дрога на Фиџи, барајќи десетици пакети кокаин кои биле украдени од депото за докази и заменети со брашно.
Оваа земја во Јужниот Пацифик, позната главно по своите прекрасни плажи што привлекуваат голем број туристи, стана неочекувана попатна станица за картелите што транспортираат дрога од Латинска Америка кон Австралија, пишува АФП.
Полицијата на Фиџи заплени 39 пакети кокаин за време на рација во 2019 година; секој од нив тежел околу еден килограм и бил завиткан во пластика.
Комесарот на полицијата, Русиате Тудраву, изјави дека истражителите забележале оти недостасуваат седум пакети претходно оваа година.
Ова поттикна форензичка проверка на преостанатите запленети наркотици, кои се чуваа во депото за докази при Високиот суд во главниот град Сува.
Анализите покажаа дека кокаинот што претходно се наоѓал во депото, бил украден пред очите на полицијата и заменет со кесички брашно.
„Врз основа на сознанието дека недостасуваат седум пакувања и дека доказите биле предмет на неовластена интервенција, беше одлучено да се тестираат преостанатите пакувања, кои се покажаа негативни на какви било траги од нелегални дроги“, изјави во средата Тудраву пред новинарите.
Претходните тестирања, спроведени по запленувањето на пакувањата во 2019 година, потврдија дека тие во тоа време содржеле кокаин, рече тој.
„Полицијата на Фиџи сериозно ги сфаќа загриженоста и забелешките изнесени од владата. Ве уверувам дека на оваа истрага пристапуваме со највисок степен на итност“, додаде Тудраву.






