Единаесет лица се уапсени, а против вкупно 33 лица е отворена истражна постапка поради сомнеж за сериозен организиран криминал поврзан со јавни набавки во ЕСМ Дистрибуција на топлина, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Акцијата била спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември и во текот на вчерашниот ден, на повеќе локации во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани, под раководство на јавен обвинител и со учество на полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР.
Од Обвинителството соопштија дека сите осомничени лица се товарат за кривично дело Злосторничко здружување.
Дополнително, 7 лица дел како помагачи, а дел како поттикнувачи, се осомничени за продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наводите во истрагата, во текот на 2023 година, тројца службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители и/или сопственици на две приватни компании, формирале организирана група со цел изигрување на постапките за јавни набавки.
Групата однапред изготвила техничка спецификација за набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлински станици“, со што, според обвинителството, била наместена постапката за конкретни фирми.
На јавниот повик се пријавиле две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово.
„Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Со тоа, било овозможено скопската фирма да го добие тендерот, со што се стекнала со противправна имотна корист од 472.470.407 денари со ДДВ, односно околу 7,68 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција на топлина.
По реализацијата на јавната набавка, во периодот од 2023 до 2025 година, осомничените, со цел прикривање на потеклото на средствата, пуштиле во оптек, примиле и пренеле 125.556.930 денари, односно околу 2,04 милиони евра, со што, според обвинителството, го оствариле кривичното дело перење пари.
По предлог на јавен обвинител, Кривичниот суд прифатил и ги определил притвор за седум лица, додека за шест лица се определени мерки за обезбедување на присуство.







