Од 8 октомври 2025 година, ТТК Банка АД Скопје започнува со извршување кредитни трансфери- плаќања преку СЕПА овозможувајќи им на своите клиенти, физички и правни лица, побрзи, поедноставни и поевтини трансакции во евра со сите земји членки на СЕПА.
Клиентите на Банката ќе можат да вршат и да примаат плаќања во евра во над 40 земји членки на СЕПА, со истата сигурност и ефикасност како и кај домашните трансфери, без потреба од посреднички банки.
Значајна придобивка се и повеќекратно пониските надоместоци, кои започнуваат од само 3,2 евра за најголемиот број СЕПА кредитни трансфери.
СЕПА кредитните трансфери се извршуваат исклучиво во валутата евро (EUR), кон земји членки на СЕПА регионот и кон банки регистрирани за СЕПА плаќања, со термин за извршување со валута истиот ден до 12:00 часот.
ТТК Банка успешно го заврши процесот на интеграција и се позиционира како втора банка од земјата по подготвеност, впишана во официјалниот СЕПА регистар од 5 октомври, потврдувајќи ја својата стручност и усогласеност со европските стандарди во плаќањата. На 7 октомври Банката ја реализираше првата успешно извршена трансакција во системот, пред официјалниот старт за клиентите.
Со приклучувањето кон СЕПА, ТТК Банка овозможува вистински европски стандард во плаќањата, нудејќи побрз, поевтин и побезбеден начин за трансакции во евра и правејќи значаен чекор во развојот на платежните услуги и нивното усогласување со европските стандарди.
Повеќе информации за СЕПА кредитните трансфери, тарифите и условите се достапни на: www.ttk.com.mk






