Македонија има квалитетен земјоделски производ погоден и за домашна употреба и за извоз, уверува министерот за земјоделие Цветан Трипуновски по алармот вклучен во Хрватска за над 15 000 килограми македонска пиперка ајварка со токсини која од нашата држава завршила на хрватскиот пазар.
Трипуновски вели дека во првите пет месеци од оваа година земјоделскиот извоз е зголемен за 57 милиони евра споредбено со лани, односно извозот изнесува 167 милиони евра, што за министерот е знак дека земјоделците ги зголемиле продажните цени но и производството.
Со цел да се зајакне македонската аграрна продукција соочена со климатските промени, од ресорното министерство најавуваат помош и едукација за земјоделците за нивно прилагодување кон временските појави како долги суши, високи температури и поплави.
Денеска е Светскиот ден на храната кој кај нас го одбележа Агенцијата за храна и земјоделство на ОН. Оттаму ја нагласија потребата за оддржливо земјоделство кое не работи на штета на животната средина. Министерството за земјоделие најави Национална стратегија која би требало да и помогне на традиционалната македонска економска гранка – земјоделието, да се справи со климатските промени.






