Брисел/Скопје, 18 март, Zhurnal.mk – Двајца пратеници од Грција и еден од Кипар во Европскиот парламент (ЕП) поднесоа амандман на нацрт-резолуцијата на Комитетот за надворешни работи на ЕП (AFET), со кој бараат уставното име на Северна Македонија, „Република Северна Македонија“, да биде отстрането од текстот и заменето со „Скопје“, пишува Zhurnal.mk.
Верзијата на нацрт-резолуцијата подготвена од австрискиот европратеник Thomas Waitz гласи: „имајќи ја предвид Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји-членки, од една страна, и Република Северна Македонија, од друга страна.“
Но, тројцата европратеници, Emmanouil Fragkos и Galato Alexandraki од Грција, како и Geadis Geadi од Кипар, предложиле во амандманот оваа реченица да се замени со: „имајќи ја предвид Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји-членки, од една страна, и Скопје, од друга страна.“
Тие побарале оваа замена да се применува „низ целата резолуција“.
Emmanouil Fragkos и Galato Alexandraki се дел од партијата Elliniki Lysi (Грчко решение), која се смета за десничарска до крајно десничарска, национално-конзервативна и националистичка партија во Грција, основана од Kyriakos Velopoulos во 2016 година.
Geadis Geadi е член на партијата ELAM (Национален народен фронт), која претставува крајно десничарска и ултранационалистичка политичка партија во Кипар, основана во 2008 година.
Нивниот предлог против новото уставно име на Северна Македонија доаѓа и покрај Преспански договор меѓу владите на Грција и Северна Македонија од јуни 2018 година.
Парламентот на Грција го ратификуваше договорот во јануари 2019 година.








