Инфраструктурата е во фокусот на Владата, а вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна во недавна изјава за поткаст дека интензивно се реализираат крупни проекти низ целата земја. Специфично, тој нагласи дека завршените проекти вклучуваат реконструкција на граничниот премин Деве Баир, пуштање во функција на обиколницата на Крива Паланка и експресниот пат од Крива Паланка до Страцин.
Следната фаза, според Николоски, е изградба на делницата Страцин–Романовце, поддржана од Европската Унија во рамките на Планот за раст. Тој додава дека се работи и на автопатската мрежа на Коридор 8, со посебен акцент на делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани. За делот Букојчани–Кичево, во тек е постапка за избор на изведувач во соработка со Европската банка за обнова и развој.
Автопатот Кичево–Охрид, според него, е во завршна фаза, а веќе 34 километри се пуштени во употреба. Комлетно завршување се очекува до крајот на годината. Како предизвик, тој наведе делот Струга–Ќафасан, каде трасата треба да биде усогласена со критериумите на УНЕСКО, а договорот се очекува да биде потпишан во јуни.
Во однос на железничката инфраструктура, Николоски истакна дека делницата Куманово–Бељаковце е веќе ставена во функција, а работи се насочени кон продолжување до Крива Паланка. Подготовките за најтешката делница, долга 24 километри, се во тек и наскоро ќе биде објавен тендер за изградба, со цел конечно поврзување со Бугарија.
„Заеднички ќе го изградиме тунелот и по многу децении ќе ги поврземе Скопје и Софија“, рече Николоски. Тој најави и реконструкција на пругата Скопје–Кичево, како и изградба на обиколница за товарни возови околу главниот град за намалување на загадувањето. Паралелно, се работи на проектот „Градски воз“. Николоски нагласи дека станува збор за мега-инвестиции вредни околу 2 милијарди евра за западната железничка врска, а вкупната вредност на железничките инвестиции, заедно со проектите на Коридор 10, може да достигне до 5 милијарди евра.








