На „ОНЕ Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор – ај – џи“ денеска во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе му биде дадено одобрение за работа како трет мобилен оператор во државава. „ОНЕ Македонија телекомуникации“ ја добива дозволата откако го уплати еднократниот надомест за трите фрекфенциски опсези, што се доделуваа со тендерот на АЕК, во вкупен износ од 8,020.003 евра.
Со тоа компанијата може да почне со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постојните оператори до изградба на своја инфраструктура. „Фор – ај – џи“ во следниот период ќе инвестира повеќе од 100 милиони евра во развој на третиот мобилен оператор, најави сопственикот на „Фор ај џи“ завчера на средба со премиерот Христијан Мицоски, на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Еднократниот надомест за одобрението А1 што го уплати „Оне Македонија телекомуникации“ изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 1,5 милион евра, а за одобрението C1 – 2,32 милиона евра. Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 – 8 години до 2033 година поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата.
На македонскиот пазар моментно работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп. Заклучно со третиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2,105. 467. Резиденцијални припејд-претплатници се 833,089, резиденцијални постпејд 1,024.072, а деловни постпејд 248,306.









