Третиот дел од анимираната авантура на „Дизни“, „Снежно кралство“ (Frozen) ќе игра во кината од 24 ноември 2027 година.
Идина Мензел, Кристен Бел и Џош Гад на специјален настан во Калифорнија објавија секвенци од филмот, според кој има нови ликови, а се случува и свадба меѓу Ана и Кристоф.
Мензел и Бел, кои ги позајмуваат гласовите на Елса и Ана, изведоа нова верзија на песната „Frozen Heart“, додека Гад отпеа љубовна песна за првата симпатија на Олаф, насловена „Ooooh, Samantha“.
Песните ги напишаа оскаровците Кристен Андерсон-Лопез и Роберт Лопез. Режисери на филмот се Џенифер Ли и Трент Кори.
Првите два филма заработија над милијарда долари.
Оригиналниот филм стана огромна сензација во 2013, заработувајќи речиси 1,3 милијарди долари ширум светот и освои голем број награди, вклучително и два оскара. Продолжението од 2019 беше уште поуспешно со заработени 1,45 милијарди долари и до неодамна стоеше како анимиран филм со најголема заработка во историјата.
Бел и Мензел најавија нова песна од филмот (Фото: ЏастЏерд)






