Американскиот претседател Доналд Трамп вчера лично им се придружи на полициските и воените сили во патролирањето на улиците на Вашингтон, покажувајќи оти неговата администрација е решена да ја спроведе прогласената „криминална вонредна состојба“.
Настапот на Трамп следи по неговото гостување во радио шоуто на Тод Старнс, каде ги бранеше своите мерки од критичарите. „Мислам, погледнете, за четири дена во Вашингтон, го намалив криминалот. Сè што велат е дека сум диктатор“, изјави претседателот.
Со прогласувањето на „вонредна состојба“ во август, Трамп ја стави Метрополитенската полиција под федерална контрола и распореди 800 припадници на Националната гарда во главниот град. Според федералните власти, операцијата донела конкретни резултати: уапсени се 550 лица од почетокот на акцијата на 7 август, а насилниот криминал и бројот на грабежи биле значително намалени.
Во рамки на акцијата, властите отстранија и десетици кампови за бездомници низ градот, што дополнително предизвика дебата во американската јавност.
Критичарите на мерките излегоа на протести против федералната интервенција, скандирајќи „Слобода за Вашингтон“ додека административни службеници ги посетуваа војниците распоредени на улиците.








