Шеесет и четиригодишен работник на ЈП „Комуналец“ Гостивар загина при чистење одводни канали во атарот на селото Горно Јеловце.
Според информациите од СВР Тетово, случајот бил пријавен на 15 јуни во 12:47 часот, откако било забележано дека во канал за вода се наоѓа починато лице. Полициски службеници веднаш излегле на местото и утврдиле дека станува збор за Н.М. од селото Дебреше, вработен во гостиварското јавно претпријатие.
Според првичните информации, работникот заедно со свои колеги дошол на локацијата за да чисти канал во дел каде што има одводни канали за прибирање на проточни води. Во текот на работата, тој се заглавил во еден од каналите.
Од каналот го извлекла екипа на Територијалната противпожарна единица Гостивар, но лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
На местото на несреќата излегол и трудов инспектор, а увид извршиле екипа од ОВР Гостивар и јавен обвинител. По наредба на обвинителот, телото на починатиот е предадено на обдукција.
Надлежните институции продолжуваат со утврдување на сите околности поврзани со несреќата, вклучително и условите под кои се изведувале работните активности, безбедносните мерки на терен и можната одговорност.








