Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски престојува во работна посета на Вашингтон во рамките на втората сесија од стратешкиот дијалог Македонија – САД, процес оценет како исклучително значаен за унапредување на националната и јавната безбедност.
За време на посетата, Тошковски оствари повеќе средби со високи претставници на американските безбедносни институции, меѓу кои со Николас Колура, заменик-помошник државен секретар и директор на Diplomatic Security Service (DSS), со Кристофер Г. Раја, заменик-директор на ФБИ, со Грегори Дукот, директор на ICITAP, како и со Дејвид М. Бедард, заменик-помошник државен секретар од Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот.
На средбите, како што соопшти МВР, било констатирано дека Македонија е препознаена како доверлив и оперативен безбедносен партнер на Соединетите Американски Држави, со кој соработката се продлабочува во конкретни области од заеднички интерес.
– Овие средби испраќаат јасна порака дека Македонија е препознаена како доверлив партнер на САД, со кој се гради продлабочена и конкретна соработка во клучните безбедносни области – истакна министерот Тошковски.








