Долгогодишниот државен советник за европски прашања, Драган Тилев, во дебатата за евроинтегративниот процес порача дека е неопходно јасно разграничување меѓу домашната политичка реторика и реалниот процес што се одвива во Брисел.
„Секогаш треба да правиме разлика од домашната политика и она што е процес на европска интеграција што се случува во Брисел. Оттука реториката што се користи дома и надвор е различна“, изјави Тилев.
Тој додаде дека често јавниот и заднинскиот политички дискурс не се совпаѓаат. Според него, во процесот постојат значајни поместувања, особено во последните месеци.
„Поместувањата кои ги имаме, особено во март, се од огромен отскок во самиот процес“, истакна тој, додавајќи дека за напредок е потребно добро разбирање на процедурите и политичката динамика.
Тилев нагласи и потреба од рационален пристап во однос на европските преговори, сепак истакна дека геополитичките случувања значително влијаат врз динамиката на проширувањето.
„Треба да се направи разлика помеѓу емоцијата и рациото. Едно е она што го пласирате дома, а друго е кога ќе седнете на маса со членките на Европската Унија. Движењето можеби не се гледа бидејќи е поплавено од Иран, Украина и од многуте други нешта што се случуваат околу овие две воени жаришта“, изјави тој.
Според него во ЕУ се случуваат нови пристапи кон проширувањето и дека е можно земјата да се вклопи во новите модели на преговарање.
„Сега се говори за безбедносни прашања, за отворање врата за новите членки… ЕУ бара начин како да ги продолжи преговорите со Молдавија и Унгарија. Може да се бара од ЕУ да го имплицира истиот модел како што се применува со Украина и Молдавија и на нас“, истакна Тилев.








