Битола – Во спортската сала на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Битола денеска се одржа меѓуучилишен танцов натпревар под мотото „Танц против насилство“, чија цел беше подигање на свеста за врсничкото и дигиталното насилство и промоција на позитивни вредности меѓу младите.

Организаторите истакнаа дека настанот ја надминува рамката на обична танцова манифестација и претставува глас на младите за почит, солидарност и ненасилна комуникација. Преку танц, движење и емоција, учениците испратија јасна порака дека насилството не е избор и дека може да се спречи со заедничка акција.

На натпреварот учествуваа седум основни училишта од Битола, со вкупно 49 ученици, кои преку кореографија и тимска работа ја пренесоа својата визија за свет без насилство.
Настанот беше реализиран со поддршка на Општина Битола, во соработка со Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, гимназијата „Јосип Броз Тито“ и образовните институции од градот.

На присутните им се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека ваквите иницијативи се од исклучително значење за создавање безбедна и поддржувачка средина за младите.
„Ова не треба да го гледаме само како музички или танцов натпревар, туку како силна порака дека Битола и училиштата низ Македонија се обединети против насилството, особено врсничкото и дигиталното насилство меѓу најмладите“, истакна Коњановски.
Присутните ги поздрави и Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на здружението „Сумнал“ и иницијатор на настанот, која нагласи дека „Танц против насилство“ е став и избор на младите за свет исполнет со почит, прифаќање и разбирање.
Во натпреварувачкиот дел, учениците од основните училишта „Даме Груев“, „Кирил и Методиј“, „Ѓорѓи Сугарев“, „Тодор Ангелевски“, „Елпида Караманди“, „Св. Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“ настапија со кореографии кои носеа силна едукативна и емотивна порака.
Жирито ја додели Гран при наградата на ООУ „Гоце Делчев“, наградата за најсилна порака против насилството ја добија учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“, додека признанието за најкреативна кореографија ѝ припадна на ООУ „Кирил и Методиј“.
Настанот уште еднаш потврди дека уметноста и младинскиот ангажман можат да бидат моќна алатка во борбата против насилството и во градењето на безбедна и инклузивна заедница.







