На денешното рочиште за случајот „Пулс“, во Основниот суд беа изнесени нови сведоштва кои фрлаат светло врз улогата на институциите во процесот на издавање дозволи за објектот.
Сведокот Драги Илиевски изјави дека Кочани реагирала за намената на објектот и побарала да се спречи неговото користење како дискотека.
Според неговото сведочење, објектот се наоѓал во зона Г2 – предвидена за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена ваква угостителска дејност, ниту пак може да се направи пренамена.
Илиевски појасни дека Општината испратила дописи до Државниот пазарен инспекторат, како и директно до државниот секретар во Министерството за економија, со барање да не се издаде лиценца за работа.
Во меѓувреме, Општината првично издала позитивно известување за користење на јавен паркинг, но истото било повлечено веднаш штом било утврдено дека во објектот се планира отворање дискотека, токму поради несоодветната намена на локацијата.
Сведокот нагласи дека општината нема законска надлежност да издава лиценци, да ја контролира дејноста или да затвора објекти, но дека сепак презела чекори за да алармира кај надлежните институции.
Дополнително, сведочеше и Дејан Рашков, кој објасни дека надоместокот за лиценца се уплаќа на сметка која автоматски ги распределува средствата, при што 50% завршуваат во буџетот на општината. Сепак, како што посочи, општината има увид само во вкупните износи, а не и во поединечните уплати.
Тој истакна и дека општинските инспектори се самостојни во своето постапување, но немаат надлежност да ја контролираат дејноста во објектите или да ги затвораат, додека контролата врз нивното работење ја врши Државниот градежен инспекторат.
Судењето за случајот „Пулс“ продолжува со изведување нови докази и сведочења, кои треба да дадат појасна слика за одговорноста на сите вклучени страни.








