Нашите универзитети спроведуваат над 1.300 студиски програми и притоа има студиски програми со по 2, 3, 5 студенти што е неприфатливо. Тој систем на такво студирање ќе го промениме. Со новите измени во Законот за високо образование, очекуваме драстично намалување на студиските програми. Бидејќи многу брзо ќе треба сите јавни високообразовни установи да се прилагодат на овие услови, очекуваме дека многу голем број од нив ќе се замозатворат или ќе бидат затворени по сила на закон.
Ова го изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, зборуваќи за новините кои се предвидени со новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование, како и законот за научно-истражувачка дејност.
-Ќе воведеме модуларност, на пример, сите студенти завршуваат Правен факултет добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години ќе бидат исти за сите идни правници, но потоа студентот ќе се усмери, на пример, на кривично, граѓанско, римско право. И тоа ќе важи за сите други факултети. Не очекувам укинувањето на студиски програми да остави без работа професори. Има друг проблем, има нерамномерна распределба на катедрите и институтите. Имаме Превработеност и недостиг на професори. Вработувањата ќе оди по систематизација за да немаме премалку или премногу професори – рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Новите закони ги работело националното координативно тело за реформи во високото образование составено од 60 професори кои работеле пробоно.
-Изработени се три нови законски решенија. Сегашниот Закон за високо создаде повеќе проблеми отколку што реши. Агенцијата за квалитет на високото образование не ја вршеше својата функција и не спроведе евалуација. Во науката има многу новини кои сегашниот закон не ги интересираше. Во изработката на новите законски решенија учествуваа над 60 лица, кои пробоно помогнаа во креирањето на регулативата. Ги имаме првите нацрт-верзии од кои двете – Закон за високо образование и Закон за квалитет се објавени на ЕНЕР и достапни за сугестии – информира Јаневска.
Една од новнините е студентите кои со стипендија студираат на најдобрите 100 универзитети во светот, или пак, се добитници на Инжинерски прстен или се прогласени за најдобри студенти, да имаат предност во вработување на факултет како наставно-научен кадар. Министерката кажа дека платите се зголемени лани за 14 отсто, а зголемен е и буџетот за истражувања на 773 милиони денари оваа година, што е двојно од досегашниот буџет. Таа најави дека ќе има и национално рангирање на универзитети кое ќе го прави МОН.









