Имавме неколку контроли и не беа констатирани неправилности, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, откако министерот за здравство Азир Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.
-Прво, бидејќи јавните овластувања согласно Законот за здравствена заштита, член 262, се многу широк поим и за поголемиот дел од страна на комисијата формирана од министерот за здравство воопшто нема ни вршено надзор, ниту пак која било комисија или кој било министер се имаат произнесено на кој било начин, Комора не може да знае зошто и во кој обем е т.н. времено одземање до исправање на неправилностите, односно да ги цитираме неговите зборови „до стишување на работите во Комората” – рече Денковски.
Притоа, посочи дека минатата недела имале интензивна комуникација со министерот за здравство Алиу.
-Заклучокот беше дека, доколку има неправилности, Комората секако ќе ги вложи сите напори да се исправат. Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон – истакна тој.
Денковски ги демантираше наводите дека на Комората и биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.









