Продолжуваме со креирањето и спроведувањето конкретни мерки за младите, со цел да им овозможиме полесно да дојдат до сопствен дом. Со новата мерка, која ќе биде преточена во законско решение, ВМРО-ДПМНЕ предвидува младите брачни парови до 35-годишна возраст, кои сакаат да изградат сопствен дом, да бидат ослободени од плаќање на комуналии кон општините, најави Бобан Стефковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Гази Баба.
На овој начин, вели тој, директно се намалува финансискиот товар на младите семејства и им се дава дополнителна поддршка при решавање на едно од најважните животни прашања, а тоа е домувањето.
„Ова е дел од пошироката политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на младите.
Советот на Град Скопје веќе ja усвои мерката со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители, кои сакаат да изградат сопствен дом, се ослободуваат од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот Скопје, односно од 60 проценти од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план.
Општина Гази Баба ја реализираше оваа мерка кон крајот на минатата година, со што младите брачни парови до 35 години добија поддршка при изградбата на сопствен дом, односно младите брачни парови се ослободуваат комплетно од комуналиите кои припаѓаат на општината.
Иако мерката првично беше предвидена за лица до 29-годишна возраст, по деталната анализа и согледување на реалните потреби на младите, старосната граница ја зголемивме на 35, односно на 40 години.
Целта ни е да опфатиме поголем број млади брачни парови и семејства на кои ваквата поддршка им е потребна“.






