Зачувувањето на статусот на УНЕСКО за Охрид и Охридското Езеро не е само прашање на престиж, туку прашање на опстанок за нашиот најпознат бисер.
Додека институциите се соочуваат со препораките и предизвиците за заштита од неконтролираната урбанизација, експертите и граѓаните се сплотени: губењето на овој статус би значило ненадокнадлива штета за туризмот, екологијата и националниот идентитет.И научната фела е децидна – културното и природното наследство мора да добие суштинска заштита, а статусот под закрила на УНЕСКО по секоја цена мора да биде зачуван.
Во меѓувреме, заштитата на Охридскиот Регион и понатаму е терен за дневно-политички пресметки. По реакцијата на СДСМ, денеска и од политичката партија Левица алармираат за влошените состојби и пропуштените можности за исполнување на препораките.
,,Да се побараат уште шест години од УНЕСКО е признание дека државата со децении не успева да го направи она што одамна требало да биде направено. Што ќе променат тие шест години? Дали во нив ќе бидат отстранети дивоградбите, дали ќе се постапи по дивоизградениот хотел на Мијалков, дали ќе се ослободи охридското крајбрежје узурпирано од концесионери кои со години не плаќаат, и дали конечно ќе се отстранат диво поставените платформи во езерото?Секоја нова молба за пролонгирање е порака дека не сме ги научиле лекциите. Наместо да бараме уште време, требаше одамна да покажеме политичка волја за доследно спроведување на законите и храброст јавниот интерес да се стави пред приватниот профит.“ велат од Левица.
Утре Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ја носи конечната одлука за судбината на Охридскиот Регион. На маса е извештајот за напредокот во исполнувањето на препораките, каде што беа нотирани над десетина критични точки — од справувањето со дивоградбите и колекторскиот систем, до урбанистичкиот хаос и заштитата на Студенчишко Блато.Одлуката што ќе биде соопштена утре ќе дефинира дали Охрид го задржува сегашниот статус или се префрла на Листата на светско наследство во опасност. 2.






