Откако Оливер Спасовски понудил оставка од позицијата координатор на пратеничката група на СДСМ поради обид за поднесување на резолуцијата за црвени линии кон Бугарија до Собранието во пресрет на изборите, без негово знаење и одобрување, на средба со сопартијците му било кажано дека сака да го промени Венко Филипче од лидерската позиција во партијата, неофицијално дознава „Фокус“.
На барање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, сите членови на партискиот Извршен одбор поднесоа оставки, што отвори пат кон составување на ново раководство на опозициската партија, при што, според најавите, дел од досегашните функционери ќе ги задржат функциите, додека на некои позиции ќе дојдат нови луѓе.
Ова следува откако уште меѓу двата изборни круга од локалните избори оставки поднесоа првиот човек на градската организација Ѓорѓи Галетановски и потпретседателката Ана Чупеска. По завршувањето на изборниот циклус, пак, се повлече и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, кој побара повлекување на партиското раководство на чело со Филипче.
Иако првичните најави од Бихаќка одеа во насока дека од најтесното раководство ќе биде променет уште потпретседателот Методија Илиевски, бидејќи заминал во странство среде изборен процес и во очи на изборниот ден, додека кадровско освежување ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски, сепак, на крајот се случи неочекуван радикален рез.
Имено, Филипче не се повлече од лидерската позиција, како што бараа дел од неговите сопартијци и поранешни партиски функционери, со образложение дека ќе продолжи да работи на консолидација на партијата, но практично се повлече цело највисоко извршно тело, што автоматски значи повлекување на заменик-претседателката, сите потпретседатели, генералниот и другите секретари итн.
Партиски извори велат дека целта е на тој начин да не се оди со поединечни оставки на дел од функционерите и така да се развие дебата зошто едни да се повлечат, но не и други, иако изборните резултати ги дефакторизираат сите. На овој начин, се избегна таа дебата, со тоа што дел од веќе поранешните функционери повторно може да се најдат на старите позиции.
Во таа насока, неофицијалните информации говорат дека најверојатно потпретседателка на СДСМ повторно ќе биде Кристина Костова и воедно не се очекува промена на функцијата генерален секретар, која ќе продолжи да ја извршува Александар Димитриевиќ. Она што сигурно ќе се случи е тоа што половина од членовите на партискиот Извршен одбор ќе бидат нови.
Додека течат консултациите и разговорите за екипирање на новото партиско раководство, на површина излегоа одредени разлики и несогласувања во рамки на СДСМ на повеќе нивоа, вклучително и на релација меѓу партискиот лидер и воедно пратеник Филипче и координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.
Како што е познато, Спасовски во едно телевизиско гостување неодамна изјави дека понудил оставка од функцијата координатор на пратеничката група на СДСМ, но, како што нагласи, тоа немало врска со изборниот резултат, туку со резолуцијата за црвени линии кон Бугарија што ја промовираше и застапуваше Филипче.
–Дали имало оставка од моја страна апропо кажувањата дека јас нешто зборувам што не е така – апсолутно не е точно. Има вистина дека сум понудил оставка во моментот кога требаше да се поднесе резолуцијата до Собранието за Бугарија, тоа е цела вистина. Не станува збор за кадровски проблеми, распоредување, тоа воопшто не е важно за СДСМ… – рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавата на Спасовски дека понудил оставка од функцијата координатор на пратеничката група на СДСМ, партискиот лидер Филипче рече дека меѓу двата изборни круга имало „едно недоразбирање од техничка природа“, кое во меѓувреме, според него, било расчистено.
-Ја разбирам неговата реакција (на Спасовски) во однос на тоа прашање (резолуцијата за Бугарија), поради тоа што тоа доведе до една таква непријатна ситуација, која што не беше ниту намерна, ниту тенденциозна. Но, како и да е, поразговаравме и по расчистувањето на тоа недоразбирање Спасовски ќе остане координатор – рече тој.
Како течела цела ситуација поврзана со резолуцијата, која резултираше со различни ставови во рамки на СДСМ не толку во однос на содржината на документот, туку во однос на тајмингот да се актуелизира во пресрет на изминативе избори? Според високи извори од СДСМ, се работи за несакано недоразбирање.
Поточно, според нив, главниот проблем избил кога партиското раководство на СДСМ ја доставило оваа резолуција до Собранието, без да знае и да биде известен Спасовски. Затоа, велат овие соговорници, тој реагирал кај партискиот лидер Филипче, кој му објаснил дека станува збор за грешка, бидејќи партијата требало да ја достави до партиите, а не до собраниската архива.
Од друга страна, пак, собраниски извори посочуваат дека револтот на Спасовски се должи на тоа што е убеден дека цела ситуација не е резултат на недоразбирање, туку на свесен обид на врвот на СДСМ да ја истурка резолуцијата по секоја цена, премостувајќи го него како координатор. Што велат овие извори?
Првично, Филипче и Спасовски имале состанок на кој Филипче предложил да се достави споменатата резолуција, но Спасовски бил против. Патем, било одлучено да се отвори темата на состанок со сите пратеници, но скоро сите присутни пратеници биле на ист став како Спасовски дека контрапродуктивно би било да се предложи резолуцијата во предизборие, без оглед што лидерот веќе неколкупати јавно ја најавувал резолуцијата.
И покрај тоа, 2 лица од СДСМ ја доставиле резолуцијата до Собранието, но таа била одбиена, бидејќи била адресирана до политички партии, иако за да биде технички издржана морала да биде адресирана до пратенички групи. Сето тоа предизвикало револт кај Спасовски, од причина што тој сметал дека е нефер да биде доставена резолуција без негово знаење, дотолку повеќе што тој јасно предочил дека како координатор е против.
Во такви околности, тој му понудил оставка на Филипче од позицијата координатор на пратеничката група, но сепак било одлучено одлуката да почека до завршување на изборите, за да не се направи штета врз партијата за време на изборен процес. Откако изборите веќе биле завршени, на состанок на пратеничката група Филипче како точка број 3 ја ставил на маса понудената оставка на Спасовски. Но, против негово повлекување биле пратениците.
Исто така, на состанокот била отворена и темата дали Спасовски има желба и дали презема дејства за да го смени Филипче, меѓутоа тој одговорил дека доколку сака тоа да го прави нема да делува тајно, туку јавно ќе ги соопшти плановите. Во меѓувреме, Чупеска му се јавила на Спасовски и се обидела да го убеди дека Филипче не знаел за резолуцијата, но Спасовски и посочил дека не верува во тоа и дека тоа што го прават и наштетува на СДСМ.
За цела оваа ситуација бил запознаен и поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, за кого Филипче вчера рече веќе 5 години не е во политиката и не се меша во партиските работи. На прашање дали двајцата имаат комуникација, пак, тој посочи дека прави разлика меѓу приватни и политички контакти. Воедно, нагласи дека има политичко и морално право да го формира и модификува тимот на СДСМ.








