Попладнево главниот град е целосно заглавен во сообраќаен колапс. Дождот без прекин паѓа веќе 24 часа и дополнително ја отежнува ситуацијата, но не ги спречи жителите на Аеродром да продолжат со блокадите на мостот „Близнаци“. Тие и денеска го искажаа својот револт поради честото палење на дивата депонија „Вардариште“.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ велат дека протестите траат веќе еден месец и најавуваат порадикални блокади доколку институциите не ги прифатат нивните барања – затворање на депонијата, постојан 24-часовен надзор и оградување на просторот.
Најкритично е на потегот од Центар кон Автокоманда преку „Ист Гејт“ и Аеродром, каде застојот е најголем. Граѓаните се предупредуваат да го избегнуваат овој дел од градот и да користат алтернативни правци.








