Собранието не ја изгласа интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од Левица. По завршувањето на расправата, од вкупно 77 пратеници што гласаа, 58 беа против, а 19 ја поддржаа интерпелацијата.
Образложувајќи ја иницијативата, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, оцени дека безбедносната состојба во државата е незадоволителна и го обвини Министерството за внатрешни работи дека не спроведува суштински реформи.
„Македонија е небезбедна држава поради Министерството за внатрешни работи, кое не презема структурни промени за да ја подобри безбедноста. Граѓаните се соочуваат со ризици и при секојдневни активности затоа што системот за нивна заштита не функционира како што треба, туку служи за вработување партиски кадри“, рече Мециновиќ.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека останува посветен на подобрување на работата на институцијата.
„Ќе дадам сѐ од себе додека сум на оваа функција, во секој сегмент да оставам состојба подобра од онаа што сум ја затекнал. Нема да лажам и ќе продолжам максимално да се вложувам. Дали тоа ќе биде доволно, ќе покаже времето“, порача Тошковски.
Во текот на расправата, опозициските партии обвинуваа за скандали, пропусти и отсуство на одговорност во работењето на Министерството, барајќи оставка од министерот. Од друга страна, Тошковски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнаа резултатите во борбата против криминалот, зголемената ефикасност на институцијата и разбивањето на криминални групи, оценувајќи дека нема основа за негова смена.
Согласно Деловникот на Собранието, расправата по интерпелација се одржува на пленарна седница и трае еден работен ден, при што мора да заврши најдоцна до полноќ истиот ден, кога се спроведува и гласањето.








