Со усвојувањето на Законот за високи раководители, Република Македонија прави значаен чекор кон создавање професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација.
Со новото законско решение се воспоставува единствен и јасен систем за избор, именување и одговорност на високите раководители, заснован на принципот на мерит знаење, компетентност, искуство и резултати. Законот воведува транспарентни постапки и јасни критериуми за избор, го ограничува долготрајното вршење на функциите во статус на вршител на должност и придонесува за поголема отчетност и професионалност во институциите.
Дополнително, со реформските решенија се рационализира и системот на управување во институциите преку намалување на бројот на членовите во управните одбори, што придонесува за поефикасно функционирање на јавниот сектор и значително намалување на буџетските трошоци.
Оваа реформа претставува важен исчекор во реформата на јавната администрација и создава стабилни институции што работат во интерес на граѓаните, со јасни правила, интегритет и одговорност.
Министерството за јавна администрација им се заблагодарува на сите институции, експерти, претставници на академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери кои дадоа свој придонес во подготовката на ова важно законско решение.








