Собранието денеска ќе ја започне 121. седница, на чиј дневен ред се 53 точки, меѓу кои именување вицегувернер на Народната банка, повеќе ратификации, закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции и Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година.
Пратениците треба да гласаат за именување на Арљинда Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка. За испразнетото место претходно беше распишан јавен оглас.
На седницата се и ратификации на Конвенцијата за Бирото на Европската конференција за цивилно воздухопловство, протоколот со Литванија за преземање лица кои престојуваат без дозвола, како и договорите со Словенија и Португалија за соработка во областа на одбраната.
Во прво читање е Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, а пратениците ќе расправаат и за Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година.
На дневен ред е и давањето согласност на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Голем дел од точките се законски измени по скратена постапка, со кои повеќе закони се усогласуваат со новиот Закон за високи раководители. Измените опфаќаат прописи од повеќе области, меѓу кои пензиското и здравственото осигурување, јавните набавки, Царинската управа, Управата за јавни приходи, државната статистика, безбедноста на храната, урбанистичкото планирање, управувањето со кризи, заштитата и спасувањето, животната средина, инспекцискиот надзор и административните службеници.
Пратениците треба да го разгледаат и Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година.






