Qualcomm и Samsung веќе соработуваа на производство на чипови, но партнерството беше прекинато во 2022 година поради проблеми со искористеноста на производството и прегревање.
Извршниот директор на Qualcomm, Cristiano Amon, во изминатите денови престојувал во Јужна Кореја каде што се сретнал со претставници на Samsung, а тема на разговорите била потенцијалното производство на чипови со напреден 2-нанометарски производствен процес.
Според достапните информации, Qualcomm ја разгледува можноста токму Samsung да го преземе производството на нивниот претстоен flagship SoC, Snapdragon 8 Elite Gen 6. Иако сè уште нема официјална одлука, да напоменеме дека за можна соработка меѓу Qualcomm и Samsung се зборуваше уште на почетокот на годината на CES, што го потврди и Амон. Доколку Qualcomm навистина го избере Samsung за производство на претстојниот SoC, тоа би значело враќање кон корејскиот производител по неколку години соработка со TSMC. Да потсетиме, Qualcomm уште во 2022 година ја прекина соработката со Samsung поради проблеми во производството на чипови, кои наводно сега се надминати.
Дополнителен фактор за враќање кон Samsung може да биде и порастот на цените на услугите за производство кај TSMC.








