Ги чека ли граѓаните нов бран поскапување од есен? Сушата, пожарите, поскапите енергенси и предупредувањето од ФАО за раст на цените на храната го засилуваат стравувањето од нов инфлаторен шок. Владата уверува дека инфлацијата и цените засега се под контрола и дека нема потреба од нови мерки, но потрошувачите и земјоделците предупредуваат дека веќе се чувствува притисокот врз домашниот буџет и дека есента би можела да донесе ново поскапување.
Есенва повторно се отвора прашањето дали ги очекува граѓаните нов ценовен шок. Сушата и пожарите што го погодија регионот, поскапувањето на енергенсите и на суровините, како и предупредувањето од светските организации за нов раст на цените на храната, ги зголемуваат стравувањата од нов бран поскапување. Владата уверува дека засега нема потреба од нови мерки и дека се под контрола инфлацијата и цените, но граѓаните велат дека секое одење во маркет носи ново ценовно изненадување. Организацијата на потрошувачи бара навремени и подолгорочни мерки, земјоделците предупредуваат дека сушата ќе ги намали приносите, ФАО најавува нов глобален ценовен притисок до крајот на годинава, а СДСМ предупредува и на можноста од ново поскапување на електричната енергија.
Владата уверува дека состојбата во земјава е под контрола и дека засега нема потреба од воведување нови мерки. Според надлежните, инфлацијата внимателно се следи, а доколку има потреба, ќе се интервенира со навремени и добро анализирани решенија.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека Владата веќе презела чекори за ублажување на притисокот врз цените преку намалување на акцизата и ДДВ на горивата, со цел да се задржат најниски цените на нафтените деривати во регионот.
– Наша цел е цените на горивата да останат пониски од оние во соседните држави за да не се создаде дополнителен притисок врз цените на другите производи, особено на храната. Доколку има потреба од нови мерки, Владата има законски механизми да реагира, но тие мора да бидат добро анализирани и внимателно осмислени за да не предизвикаат поголема инфлација или дополнителен удар врз кревката македонска економија – изјави Ристески.
Тој нагласи дека Владата нема да дозволи нарушување на животниот стандард и на куповната моќ на граѓаните, потсетувајќи дека во текот на претходните светски кризи земјава се соочувала со двоцифрена инфлација и со силен раст на цените.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, смета дека се потребни побрзи и подолгорочни мерки за да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните.
– Сметаме дека се потребни конкретни мерки што директно ќе влијаат врз цените, како што е ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи во период од најмалку три до шест месеци. Додека институциите со месеци прават анализи и процени, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени. Потребни се итни мерки за заштита на потрошувачите – изјави Лончар-Велкова за весникот ВЕЧЕР.
Таа предупредува дека не е проблемот само во високите цени туку и во квалитетот и количеството на производите што се нудат на пазарот. Според неа, сè почеста е појавата граѓаните да плаќаат повеќе, а да добиваат производи со послаб квалитет или со намалена тежина.
Додека домашните власти уверуваат дека цените засега се стабилни, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) предупредува дека светот се наоѓа пред нов бран поскапување на храната. Според ФАО, поскапувањето нема да биде последица само на воените конфликти туку и на намалените приноси поради сушата. Повисоките цени на нафтата, недостигот од ѓубрива и од дизел, како и сè почестите екстремни временски услови, ги зголемуваат трошоците за производство, кои со задоцнување се прелеваат и врз цените што ги плаќаат потрошувачите.
И домашните земјоделци предупредуваат дека веќе се чувствуваат на нивите последиците од сушата и дека приносите кај повеќе култури ќе бидат пониски од очекуваните. Според нив, доколку продолжат високите температури и недостигот од врнежи, тоа неминовно ќе се одрази врз цените на храната во наредните месеци.
Тие посочуваат дека покрај намаленото производство, дополнителен товар претставуваат и повисоките цени на горивото, ѓубривата и на другите репроматеријали, што значително ги зголемува трошоците за производство. Без навремена поддршка и мерки за ублажување на последиците од сушата, предупредуваат, ќе има помала понуда на домашни производи и дополнителен притисок врз цените на храната.
Опозицискиот СДСМ, пак, оценува дека уверувањето на Владата оти нема да има поскапување на електричната енергија не ја намалува загриженоста кај граѓаните, туку дополнително ја зголемува неизвесноста.
Од партијата велат дека веќе е зголемена цената на парното греење, иако грејната сезона сè уште не е почната, оценувајќи дека постои реален ризик од нов удар врз домашниот буџет доколку продолжи растот на цените на енергенсите на европските пазари.
СДСМ ја повика Владата навреме да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните наместо, како што вели, да ги уверува дека нема да има ново поскапување.
И додека Владата смета дека засега нема простор за нови интервенции, предупредувањето од потрошувачите, земјоделците и од меѓународните организации упатува дека есента би можела да донесе нови притисоци врз цените, особено ако продолжат сушата, растот на енергенсите и неизвесноста на светските пазари.






