Околу 150.000 луѓе се собраа ова лето на двата фестивали кои во организација на Егзит се одржаа во Црна Гора, од јулското издание на „Егзит ту Монтенегро” во Улцињ до неодамна завршениот тридневен фестивал „Си Денс” во Будва. Големи светски имиња, публика од повеќе од 100 земји и силно присуство на домашната сцена го обележаа првото големо поглавје од соработката меѓу Егзит и Црна Гора во развојот на музичкиот туризам.
Најмногу странски гости дојдоа од Германија, Велика Британија, Турција, Италија, Полска, Франција и Соединетите Американски Држави, како и од земјите од регионот.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, оцени дека доаѓањето на Егзит претставува можност за Црна Гора да го покаже својот полн потенцијал на меѓународната сцена.
„Егзит не е само пристигнување на голем фестивал. Тоа е можност за Црна Гора да го покаже својот целосен потенцијал, енергија и отвореност – потврда дека сме центар на регионот и сцена во која целиот свет гледа”, изјави Спајиќ по фестивалот „Си Денс” во Будва.
На двете фестивалски изданија настапија некои од моментно најбараните изведувачи во светот, вклучувајќи ги Хугел, Шарлот де Вит, Борис Брејча и Арги, како и победничката на Евровизија, Дара. Ним им се придружија Џон Њуман со својот нов настап во живо, Енрико Санџулиано, РПР Саундсистем, Марсел Детман, Мита Гами, БИИА, Монолинк, Џејми Џонс, Масео Плекс, Стефан Бодзин, Ланна, Лајла Бенитез и Бурак Јетер, заедно со бројни регионални имиња и голем број изведувачи од црногорската сцена.
Еден од највпечатливите симболи на двата настани беше монументалната скулптура „Ивана“, висока 12 метри, чиј изглед се менуваше во текот на ноќта со светлосни ефекти и 3Д мапирање. Таа е посветена на Ивана Ковачевиќ, мајка на три деца, сопруга на основачот на Егзит, Душан Ковачевиќ и еден од најважните членови на Егзит семејството, која почина минатата година по борба со тешка болест. Скулптурата беше создадена како чин на љубов и сеќавање, а во исто време носи поширока порака за жените, мајките, семејството, трајната љубов и природата што мора да ја заштитиме.

Црногорското поглавје на Егзит имаше и силна хуманитарна димензија. Преку кампањата „Обединети за децата“, беше собрана поддршка за дом за рехабилитација за деца кои се опоравуваат по лекување од малигни заболувања, како и за локалниот Дневен центар за деца и млади со развојни попречености. Џон Њуман, кој самиот пред неколку години помина низ битка со ракот, ја поддржа оваа акција со интимен диџеј-сет.
Оваа година, Црна Гора стана една од централните точки на новата меѓународна фаза на Егзит. Откако Фестивалот беше принуден да ја напушти Србија под политички притисок поради неговата поддршка на студентските протести, еден од водечките европски фестивалски брендови и актуелен добитник на наградата „Промотор на годината” на Европските фестивалски награди, ја започа меѓународната турнеја низ неколку европски дестинации, која ќе продолжи и во Египет.
„По заминувањето од Србија, не беше лесно целосно да го трансформираме бизнис моделот во од. Се чувствувавме како да менуваме мотор на авион додека тој веќе е во воздух. Досега сме исклучително задоволни од нашата меѓународна турнеја. Секој фестивал беше голем успех, особено штотуку завршениот „Си Денс” во Будва. Благодарни сме на Црна Гора што нè поддржа кога ни беше најпотребно, и верувам дека возвративме со навистина исклучителни настани и фантастични слики што го обиколија светот. Особено ми е мило што, покрај некои од најголемите светски имиња, ангажиравме дури 122 локални уметници и им дадовме можност да се претстават пред меѓународна публика”, рече основачот и директорот на фестивалската групација „Егзит”, Душан Ковачевиќ.Следната станица од светската турнеја на Exit ќе биде Египет, каде што еден од најголемите европски фестивалски брендови ја има честа да го организира првиот повеќедневен и повеќесценски фестивалски формат пред величествените Пирамиди во Гиза.






